1. Телевизиските дневници повторно станаа здодевни. Претседателот Киро Глигоров веќе неколку дена не ѝ се има обратено на нацијата, премиерот Бранко Црвенковски го соопшти списокот на новите министри и никаде го нема, претседателот на Собранието Стојан Андов е на скијање, вежба како да не се лизне, партиите од бившиот Сојуз за Македонија не издаваат соопштенија за јавноста, опозиционерите повеќе не држат прес-конференции, ВМРО-ДПМНЕ по сé изгледа премина во илегала…
По редот на нештата, денес сакав да почнам со последното драматично обраќање на претседателот Глигоров. Ама си реков, дај и јас да почекам. Гледам сите нешто чекаат…
2. Ако не сакаш да чекаш, тогаш најдобро да го прифатиш ставот на Социјалистичката партија. Бидејќи е кристално чист и јасен. Тие се и за Киро, и за Бранко, и за останување на Сојузот, и за распаѓање на Сојузот. Важно, мораат да бидат во Владата. Со оглед на изборните резултати тоа и е разбирливо.
Социјалистичката партија ги продолжува традициите на некогашниот Социјалистички сојуз. Таму има веќе проверени и школувани кадри кои знаат како да се однесуваат во вакви ситуации. Како во минатото. Како што се менуваше политиката на Централниот комитет на СКМ, тие ја поддржуваа. Затоа и успеваа постојано да бидат во власта.
Слушам дека сега во Социјалистичката партија ќе распишат конкурс за нови членови. Добија многу функции, па не можат да ги пополнат со постојното членство. Сега му е мајката да се стане член на Социјалистичката партија. Со членската книшка веднаш ти следува и некоја функција во Владата. Минимум, заменик-министер.
Не знам зошто Амди Бајрам од ПЦЕР толку се трудеше да го добие пратеничкото место во скопската 114-ка, во борба со социјалистот Васил Дрвошанов. Бајрам победи – стана пратеник. Дрвошанов загуби – стана заменик-министер. Во Социјалистичката партија нема победници и губитници. Таму сите победуваат. На пример, што му фали на Илија Гајтановски, кој на гласањето во партијата кој да биде кандидат за пратеник во 114-ката, загубил од Васил Дрвошанов. Ете го, сега ќе биде заменик-министер на полицијата.
Новиот слоган на Социјалистичката партија гласи: “Со нас и тие што губат – добиваат!”
3. Дај веќе еднаш нека ја изгласаат новата влада, па да почнеме нормално да живееме. Се збудаливме веќе. Нема нормален муабет. Сите ја чекаат новата влада, сите прашуваат кој со кого е, сите коментираат министерски места. Не може да се направи најобичен кафеански муабет.
Со оглед на тоа што кафеаната е одлично место за дебатирање на темата “Нова влада”, најдобро е сите дилеми да се разрешат таму, па после спокојни да си го тераме секојдневниот живот. Би требало скопската пиварница да измисли нов вид пиво, што ќе му биде пандан на “стар лисец”. Може да се вика “младо пиво”. Младото пиво е недоволно ферментирано. Тоа треба да те мавме во глава. За разлика од “стариот лицец”, кој го рекламираат како темен, јак и вистински, ама може да те успие, “младото пиво” брзо удира во глава и дава сила.
Наместо да се измачуваме со бесцелни политички расправии, најдобро е секој да си порача пиво на кое припаѓа. Ќе се види во друштвото кој какво пиво пие и на сите ќе им стане јасно, кој со кого е.
4. Стојан Андов ја зезна цела работа. Убаво Бранко му имаше предложено новата влада да се изгласа уште во вторникот. Така и манифестациите по повод годишнината од настаните во Мала Речица околу тетовскиот универзитет ќе беа удостоени со претставник на Владата. Вака Илир Љума, предложениот заменик- министер за здравство, мораше во Мала Речица да се појави како обичен граѓанин.
Самоповиканиот ректор Фадил Сулејмани вели дека универзитетот е легален, само не е официјален. Владата вели дека универзитетот е нелегален. Иако очигледно легално работи.
Што има ние да се мачиме, да дискутираме што е легално а што нелегално. Си има правници за тоа. Експерти. Како на пример, Мерсим Положани. Има ли посоодветно место за идејниот творец на Илирида од местото заменик-министер за правда? Не може тоа тукутака, ќе правиме држава во држава. Тоа треба да биде правно втемелено. Нели сме правна држава.
Впрочем, каква врска има универзитетот во Тетово со Илирида?
5. Да не има некој вирус во Министерството за надворешни работи? Чудни работи се случуваат. Еве Љубомир Фрчковски, уште не седнал како министер за надворешни работи, а веќе почна да се однесува како Стево Црвенковски. Има веќе цела недела како се вратил од Америка и ништо не кажува.