Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи им се обрати на раководителите во државната администрација дека сами треба да си заминат ако не ги исполниле очекувањата на граѓаните, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција за четвртиот сет економски мерки на владата.
„Раководните лица кои не испорачале тоа што е очекување на граѓаните не треба да очекуваат некој да ги смени, туку сами да си заминат“, кажа Битиќи.
За четвртиот сет мерки за справување со последиците од ковид кризата, Битиќи рече дека ќе биде дефиниран до крајот на следната недела и ќе им биде понуден на сите чинители да видат за колкав финансиски пакет станува збор.
„Висината на помошта што ќе се понуди за граѓаните и стопанството е тесно поврзана со вториот ребаланс на буџетот што се планира“, изјави Битиќи.
Како што кажа тој, со економскиот пакет ќе бидат опфатени повеќе категории луѓе и ќе се помогнат секторите кои се директно поврзани со образовните процеси и згрижувањето на децата во предучилишна возраст во кои претходно можеби не е дадена помош.