Ангажманот на персоналните асистенти да не е ограничен со возраста на слепите лица на кои им помагаат, побараа од Здружението на слепи лица од Битола. Претседателот Стевче Костадиновски вели дека на слепите лица им е дозволено да имаат персонални асистенти само до 65 години, односно до пензионирање, а потоа го губат правото да користат помошник. Воедно, потребно е ангажираноста на асистентите да не биде само со надомест од државата, туку за тоа да им се плаќа пензиско и здравствено осигурување.
„Ова со персоналните асистенти е проект од пред две години. Асистентите ни се навистина реална потреба. Тие ни помагаат, секаде можеме да отидеме, а да не се чувствуваме дискриминирани. Утрово давав крв во Здравствениот дом и асистентот ми помогна. Треба да останат и откако ќе наполниме 65 години зашто жив човек и понатаму има потреба од нив“, рече Костадиновски.
Во Битола има само десет персонални асистенти. Тоа се невработени лица кои поминуваат обука три месеци, а потоа не сите одлучуваат да бидат асистенти. Од Здружението велат дека треба да се подигне свеста кај населението дека и на овој начин може да се заработи, но и да им се обезбедат придонеси на оние кои веќе се вклучени во помагањето на оваа ранлива категорија граѓани.
Со претставници на Здружението на слепи лица од Битола вчера за време на Светскиот ден на белиот стап се сретна и претставничката од Битола Бисера Костадиновска-Стојчевска која рече дека со нови законски решенија ќе го подобрат животот на слепите лица.
Ж. ЗДРАВКОВСКА