По два дена разговори во Клубот на пратеници во Скопје, мешовитата комисија составена од бугарски и македонски историчари не се договори чиј е Гоце Делчев. Копретседавачот од македонска страна Драган Ѓоргиев кажа дека идентитетот на Гоце Делчев останува главeн проблем за да се постигне каков било напредок, додека бугарскиот копретседавач Ангел Димитров рече дека идентитетот на Гоце Делчев си го определил самиот, а не тие.
Зборувајќи за дводневната средба, Ѓоргиев кажа дека дискутирале за учебниците за шести клас во бугарскиот образовен систем и за личноста на Гоце Делчев.
„За Гоце Делчев не секогаш желбите се остваруваат како што се испланирани. За учебниците постигнавме суштински напредoк, остваривме една препорака која натаму ќе треба да ја разгледаат бугарските колеги. За Гоце Делчев дискутиравме, има на маса нови предлози, идеи и тие ќе продолжат да бидат тема за разговор на идната средба. Тој текст е на маса, тоа е работна верзија и ќе биде во фаза на разгледувања не би сакал да зборувам за тоа“, изјави Ѓоргиев по десеттата средба на Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Претходно денеска, бугарскиот премиер Бојко Борисов напиша на Фејсбук дека со германската канцеларка Ангела Меркел ги поддржува земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ. Бугарија ќе продолжи да работи активно во оваа насока за време на нашето заедничко претседателство со Република Северна Македонија на Берлинскиот процес, вели тој.