1 Придонесот на Амди Бајрам кон коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ се виде уште ден по изборите. Неговата пресметка од 102,2 отсто победа овој пат беше преведена во помал процент. Премиерот Груевски прецизно ни кажа дека изборите биле фер и демократски во 98 проценти од избирачките места. Имало проблеми само на 2 проценти.
Но, и покрај занемарливиот процент неуспешни избори и само едната жртва и осуммина повредени, премиерот се налути и порача дека ќе водел сметка кого од албанските партнери ќе земе за партнер. Тој што правел помалку проблеми на изаборите.
Што значи тоа? Дека ако од двата проценти пукање, на ДУИ отпаѓаат еденипол процент, во Владата ќе влезе ДПА? Или, обратно?
Најпаметно му е на Груевски да не бара партнер ни во Тачи, ни во Ахмети. Нему сега треба да му биде партнер коалицијата Џилијан Миловановиќ – Ерван Фуере. Затоа што тие инсистираат да се казнат тие што пукаат на избори.
Кога е така, Груевски сега има историска шанса да им даде глас на илјадници граѓани од албанска националност да си го остварат основното граѓанско право да избираат, без да биде пукано врз нив. Ем има поддршка од над 480 илјади гласачи и над 60 пратеници во идниот парламент, ем не само поддршка туку и инсистирање од меѓународната заедница да ги стави во затвор бандитите.
Време е да се поправи грешката на Љубчо, Борис и Доста, кои затоа што не реагираа на време дозволија бандитите што пукаат да поминат неказнето и тоа да стане основен стандард во однесувањето.
Не може две банди да го градат стереотипиот за целата држава како дивјачка. Исто како што не може и премиерот да се правда дека изборите во македонскиот дел од државата биле добри, а во албанскиот дел не чинеле. Тогаш дај Македонците нека гласаат на 1 јуни, а Албанците на 8 јуни. Да се види кој заслужил НАТО и ЕУ, а кој не. Ама, ако е така, тогаш Груевски не може да зборува дека Македонија е унитарна држава и да го фаќа хистерија ако некој го обвини дека државата му се федерализира.
2 Секои избори во Македонија – нов парадокс. Сега ДУИ и Али Ахмети излегоа најголеми пацифисти. Тие што во 2001 година со пушка ја нападнаа државата и го воспоставија пукањето како меѓународен стандард за остварување на демократија сега прават митинзи на кои носат транпсаренти со пречкртани куршуми.
Само една недела претходно, на митинзите во Тетово и Скопје, самите толку многу пукаа што мораа со жив штит да си го заштитат лидерот, за да не загине во пријателски оган.
3 Странските дипломати сега се се вџашени дека во насилствата биле вмешани полицајци.
Каде беа кога ние се вџашувавме кој се стана полицаец по 2001 година?
Тоа тогаш се викаше “правична застапеност”. Или – “вработување според рамковен договор”. Или – “ресоцијализација на терористите”. Или – “имплементација на Охридскиот договор”.
Кој ги напика сите бандити во полиција преку ноќ? Како одеше пополнувањето на полициските мешани сили? И под чиј надзор сето тоа се случуваше?
Полицајците се регрутираа со партиски списоци. Во 2002 важеа списоците на ДУИ. Во 2006 списоците на ДПА. Ете ви ги сега, нека ве заштитат кога одите на набљудување на избирачките места. Со ваши пари ги направивте полицајци. Сега делат правда.
Истите тие ОБСЕ и ЕУ тогаш внимаваа случајно некој да не отпадне од списоците, оти квотата морала да биде исполнета.
Сега МВР ги апси и тие што пукаа на изборите, и тие што пукаа на полицијата, но и полицајци што пукаа на изборите.
Ај сега ОБСЕ нека оди пак да набљудува како апси полицијата. Случајно да не им ги наруши човековите права на бандидите.
4 Грците се надминаа себеси. Не му дадоа ни на претседателот Бранко Црвенковски со владиниот авион да слета во Атина. Затоа што на него пишува “Република Македонија”. Се понудија да му најдат алтернативен начин да стигне до Атина.
Како?
Да се фрли во Вардар и да остави реката да го дотече до Солун.
Министераката за надворешни работи на Грција Дора Бакојани била вчудовидена како не ги пуштиле грчките војници да влезат во Македонија без пасоши. Го алармирала НАТО, оти тие биле мировници.
Ај нека ги пуштат нашите војници само со воена книшка да влезат во Грција.
Колку ли би се зачудила Бакојани кога ние на грчкиот претседател би му понудиле алтернативен превоз?