1 Премиерот Никола Груевски постојано повторува дека за промена на името треба да се распише референдум. Демек, народот да си го кажел своето.
Заводот за статистика објави дека само во август 100.000 Македонци отпатувале за Грција. Во јули биле над 50.000.
До Нова година има уште празници. Џабе царинските скенери на граница, џабе плакатите на невладините организации да не се летува таму каде што не ти го признаваат идентитетот… Оваа нација мора некаде да закрепне од шокот во Букурешт.
Така што референдумот е одлична идеја. 150.000 луѓе веќе се изјаснија. Сигурно меѓу нив има политичари, пратеници од власта и опозицијата, актуелни и бивши министри. Нема да има проблем за Собранието да ги прифати резултатите, ниту пак Владата да ги спроведе.
Излезноста на референдумот најпрецизно ќе се мери на Богородица, Меџитлија и Дојран.
2 Посредникот во преговорите за името Метју Нимиц по одвоените средби со претседателот Црвенковски и премиерот Груевски изјави дека двајцата имале исти ставови.
Ама од Владата побрзаа да го демантираат. Оти не смее ни случајно пред светот да се покаже единство во нашите редови. Изворите на Претседателот кажале едно, а во Владата не кажувале ништо. И тие во Владата не знаеле што се зборувало кај Претседателот.
Нимиц треба да побрза да го реши проблемот. Ама не заради Американците кои сакале да нî пикнат во НАТО. Туку заради себе. Оти ако дојде уште два-три пати и ако мора секој пат одвоено да се среќава со двајцата ќе го шашардисаат. На крај тој ќе си го смени името. Наместо да се вика Метју Нимиц ќе се прекрсти во Никола Протоѓер. Или Мартин Димитров.
3 Нимиц во Грција се среќава само со преговарачот. Оти тој го кажува грчкиот став. Не го кажува ставот на премиерот и ставот на претседателот. Па Нимиц не мора сам да извлекува заклучок за ставот на државата.
Кај нас мора да се среќава и со Претседателот и со премиерот и со двајца преговарачи.
Ама тоа е вистински предизвик. Секој може да биде посредник меѓу само две скарани страни. Мајсторијата е да посредуваш помеѓу повеќе скарани страни. Од кои најмалку две се на едната страна од спорот.
4 Министерот за финансии Трајко Славески рече: “Инфлацијата во јуни во земјава падна за еден процент, а што е поинтересно, во САД, на пример, таа порасна за еден процент”.
Види стварно интересно. Само не знам дали ова треба да го сфатиме како утеха, или како обид за одвлекување на вниманието од нашата мака.
5 Македонија ќе добие уште осум домашни телевизии. Ќе има вкупно 22, што ќе може да се гледаат низ цела држава.
На вестите на МТВ го кажаа ова: “Со отворањето на новите телевизии ќе се запре инвазијата на светските сателитски телевизии кои го нарушуваат македонскиот национален идентитет”.
Крај на програмата.
Нарушувањето на македонскиот национален идентитет не го прават “Си – Ен – Ен”, “Планета”, “Дискавери”, “ХТВ”, “Пинк”, или “Бумеранг”. Нарушувањето на идентитетот го прават газдите на домашните телевизии кои не ги плаќаат полните придонеси на платите на вработените, ниту пак плаќаат данок за ракламирање на своите производи на своите телевизии. Но, уште повеќе нарушувањето на идентитетот го прави Владата што тоа го толерира. И тоа само за мало медиумско внимание.
Сега ќе ни продаваат приказни дека “го плурализираат медиумскиот простор”, дека “ќе рипне цената на новинарскиот труд” и дека “тоа ќе ја јакне демократијата”.
Како не! Владата и до сега поддржуваше нелојална конкуренција во медиумскиот бизнис. Сега само го проширува полето за таа толеранција.
Може секоја пиљарница да отвори своја телевизија. Тоа е демократија. Но и пиљарницата мора да плаќа даноци. Ама ако Владата толерира нелојална конкуренција, таа не само што не ја развива демократијата, туку создава и нездрава бизнис клима. Во која земја бизнисот се развива со владина поддршка на нелојалната конкуренција?
Владата сега ќе добие уште осум телевизии како свој мегафон. Газдите ги уценуваат новинарите, Владата ги уценува газдите со реклами и со замижување пред неплаќањето придонеси и така сите живеат во среќен брак од интерес.
Ете како се губи идентитетот.
А демократијата ќе ја бараме во Америка. Каде што, за жал, полошо се живее оти инфлацијата, за разлика од нашата, расте.
6 Стотина глисери се паркираат во каналот кај Билјанини Извори каде што нема најосновни услови за точење гориво и за заштита на Езерото. Фали само едно догорче да настане катастрофа.
И што прави Општина Охрид? Се однесува како да се Обединети нации. Носи декларација. Бара државата да им го реши проблемот.
Наместо да си ја соберат барем туристичката такса за издавање соби, тие чекаат државата и ѓубрето да им го собира.