Денешното судско рочиште „Талир” за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и перење 5 милиони евра почна со казна на адвокатот Донче Наков со 500 евра од страна на судијата за организиран криминал Осман Шабани. Минатото судење се одложи зашто претставникот на обвинетата ВМРО-ДПМНЕ и портпарол Наум Стоилковски не дојде, оти како што го оправда Наков, тој се разболел.
„Адвокатот кажа дека ќе достави медицинска потврда до судот како доказ за тоа што му го кажал претпоставувам клиентот-претставник на партијата. Наков тоа до денес не го стори, а јас кажав на минатото рочиште дека давам наредба за негово полициско спроведување ако до судот не донесете документација. Поради тоа и претставникот беше приведен. Судот го казнува адвокатот Донче Наков со парична казна од 500 евра во денарска противвредност”, рече судијата Шабани.
„Ја прифаќам казната, нема да се жалам”, кажа адвокатот.
Денеска сведочи еден од сопствениците на кавадаречката компанија „Урбан инвест”, кој кажа дека лично од обвинетите Миле Јанакиески и Кирил Божиновски добил наредба да даде од џеб 15 илјади евра пред избори.
Јован Грков, управител и еден од сопствениците на фирмата „Урбан инвест”, кажа дека добивал тендери за градежни активности од Град Скопје и од други општини.
На прашање на обвинителката Ленче Ристоска дали некој од ВМРО-ДПМНЕ барал пари од него, односно од фирмата, приговараа адвокатите на сите обвинети дека прашањето е наведувачко, па таа го преформулира, но дојде до посакуваниот одговор.
„Некаде пред изборите добив смс-порака од Марјан, претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Центар. Ми пиша дека треба да отидам во Владата. Во посоченото време отидов, ми кажаа пред која канцеларија да отидам. Почекав, ме викнаа Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Состанокот траеше кратко, ми рекоа имам обврска да дадам 15.000 евра. Ми рекоа на лицето Марјан да му ги предадам. Не ми кажаа зошто треба да ги дадам парите. По неколку дена му ги дадов тие 15.000 евра на Марјан. Му ги дадов на рака. Потврда, документ не добив од Марјан за парите што ги дадов”, одговараше сведокот на прашања на Ристоска.
„Дали се спротивставивте?”, продолжи таа.
„Не, зашто знаев дека мора да исполнам”, кажа сведокот.
По него, сведочеше Менка Радивојша, поранешен советник на ВМРО-ДПМНЕ во два мандата во Општина Центар.
„Од 2003 до 2017 година сум била активна во ВМРО-ДПМНЕ. Сум донирала пред избори, за поплавата во Скопје, за пожар, од паушалот шро го добивавме. Материјално сум помагала лично во месниот комитет Капиштец“, сведочеше таа.
На прашање дали донирала на бланко уплатница или на регуларна уплатница за ВМРО-ДПМНЕ , таа кажа:
„Во општинскиот комитет Центар во времето на претседателот Игор Есмеров, ни дадоа празни уплатници за донација. Требаше да пополнам матичен број и потпис. Но, по наговор на Даниела Рангелова, тоа не се случи. Јас денеска сум благодарна на неа што тоа не се случи, што ме разубеди Рангелова”, кажа сведокот.
„Јас не можев да ја сфатам потребата од тие уплатници. Затоа и во една прилика реагирав. Тие беа делени по состаноците на општинскиот комитет. Јас и Даниела одбивме да пополниме, а кои сопартијци пополнувале, не знам. Си одевме, не го гледавме тоа”, додаде Радивојша.
Обвинението за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ го товари Никола Груевски за Злоупотреба на службената положба и овластување и за Перење пари и други приноси од казниво дело. Груевски е избеган во Унгарија и во сите процеси му се суди во отсуство.
За истите две кривични дела, казниви со затвор, обвинети се и Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кој е во куќен притвор.
Илија Димовски и Леко Ристоски се обвинети за Перење пари и други приноси. Обвинета беше и Елизабета Чингаровска, која призна вина. И партијата ВМРО-ДПМНЕ како правно лице е обвинета за Перење пари и други приноси.
С. К. ДЕЛЕВСКА