Се прошири списокот на граѓаните кои може од државата да добијат бесплатна правна помош, а буџетот во Министерството за правда остана нечепнат за оваа намена. Многумина не знаат дека може да се обратат и да поднесат барање во која било од подрачните единици на Министерството, за каков било граѓански, работен или каков било друг правен спор, а не го прават тоа, плашејќи се дека не исполнуваат услови да ја добијат помошта, дека треба да собираат огромна документација, дека немаат пари да ја платат судската такса…
Најчесто барањата од граѓаните се однесуваат за семејните прашања (развод на брак, старателство над деца) и имотно-правни прашања, но, бесплатната правна помош граѓаните покрај за имотно-правни спорови, должничко-доверителски односи, можат да ја добијат и за прашања од пензиско и инвалидско осигурување, за остварување на социјална помош, за спорови со осигурителни компании, може за неа да аплицираат зависници од дрога, жртви на семејно насилство, лица со попреченост и други.
Сега не треба само да си социјален случај и да немаш ништо на свое име, за да добиеш бесплатна правна помош од државата.
Од први јануари до 30 јуни до подрачните единици на Министерството за правда се поднесени 120 барања, а 90 се одобрени. Буџетот за оваа намена е 50,000 евра, но тој е речиси полн, што за претставниците од Советот на Европа кои ја помагаат оваа можност за нашите граѓани, е многу чудно, бидејќи Република Северна Македонија не е богата држава.
Адвокатите поднесуваат апликации до подрачните единици и потоа се бираат по редослед да застапуваат добитници на бесплатна правна помош. Може граѓанин што ги исполнил условите да отиде на суд и да каже дека си донел свој адвокат овозможен од Министерството за правда и судот да не мора да го прашува дали сака адвокат по службена должност.
Незадоволните клиенти може да поднесат претставка или поплака до Министерството за правда за тоа како ги застапувал адвокатот, а оттаму ќе пријават до Адвокатска комора. Со законот што стапи уште во октомври лани, а не е познат за ранливата категорија граѓани, има и дел за оценка на квалитетот на услугата од адвокатот добиен со бесплатна правна помош.
Ако таквото лице го изгуби спорот со бесплатната помош на суд, судските трошоци си ги плаќа лицето.
С. К. ДЕЛЕВСКА