1 Премиерот Груевски ќе влезе во учебници како редок пример на политичар кој одбива да одговори на прашања. Малку му беше што свикува прес конференции со сите министри зад него и не дозволува прашања. Сега не одговара на прашања и кога се појавува на настани, ако прашањата не се врзани за тој настан. Или се смее кисело, како што беше завчера, кога се појави кај хендикепираните, или одговара вака: “Не е сега време за тоа. Не би одговарал на тоа прашање сега. Не би сакал сега за тоа да зборувам…”.
Наместо да плаќа реклами, нека одговара на прашања. Не само затоа што тоа е поевтино. Туку и затоа што добар политичар одговара на сите прашања. Впрочем, за добар политичар прашањето не е ни важно. Важно е тоа што сака да го каже. Во крајна линија, тоа е многу посуптилна манипулација и контрола на јавноста отколку хистерично тужење на секој што не мисли исто како тебе.
Зошто добар политичар мора да одговара на сите прашања? Затоа што така стимулира јавна дебата. А политичарот, ако е навистина добар, не се плаши од дебата. Затоа што таа му е главна инспирација и коректив за тоа што го прави.
На крајот на краиштата, тоа е и почитување на јавноста. Платено соопштение во весник и прочитан памфлет на телевизија не е почитување на јавноста.
Сте забележале ли дека во Македонија веќе нема јавна дебата. Ги нема дури ни оние долги телевизиски политички дебати за пополнување на ТВ програма. Нема судир на мислења, нема јавна комуникација… Има само интервјуа, нарачани изјави и отворени програми со телефонски јавувања на партиски активисти.
Затоа и не ме чуди што во недостиг на дебата, секој јавно изнесен став се прифаќа како скандал.
Знаете ли како функционира новинарството кај нас? Ако поставиш прашање кое не е за поставување, прво шефот на кабинетот се јавува кај главниот уредник: “Што проблем имате вие?”. Или: “Што му е на тој новинар?”.
Потоа премиерот им се јавува на газдите на медиумите: “Што имате вие против мене?”.
Ако не поминат и двата филтри, постои суд. И тужба за клевета и навреда.
2 Познатиот американски колумнист Хендрик Херцберг, анализирајќи ја победата на Барак Обама, во магазинот “Њујоркер” напиша дека негова најголема доблест е “тоа што ги третира Американците како возрасни луѓе способни за комплексно размислување би се рекло како рамни на него”.
Во нормална демократија секој си носи одговорност за тоа што ќе го каже. Зошто на Груевски би му се нарушил угледот ако некој напише нешто против него? Замислете, му бил нарушен угледот од пишувањето на Фрчкоски. А неколку месеци потоа за него гласаа речиси 500.000 луѓе. Да не беше колумната на Фрчкоски и да не му беше нарушен угледот, колкумина ќе гласаа за Груевски? Милион?
Никола, не потценувај им ја интелигенцијата на луѓето. Половина милион Македонци имале доверба во тебе. Ако некој напише нешто што не ти се допаѓа, ниту тебе угледот ќе ти падне ниту нему угледот ќе му се крене. Во крајна линија, твојот углед зависи од тоа што го правиш, а не од тоа што другите ќе го кажат за тебе.
Затоа, премиере, ослободи го срцето. Олабави малку со тоа тужбите. Имаш држава за водење.
3 Во македонските туристички агенции можеш да купиш аранжман за Вараждин каде што во јануари ќе игра Македонија на Светското првенство во ракомет, ама затоа во Охрид нема патокази до салата каде што се игра Европското првенство во ракомет. .
Зошто Владата, градоначалниците и туристичките работници го утнаа Европското првенство како можност за промоција на Македонија во светот? Затоа што ако сакаш да рекламираш туризам, тоа се реклами наменети кон странство. А туристите не можат да гласаат за Груевски.
Познатиот македонски режисер Милчо Манчевски неодамна доби 190.000 евра за да направи туристички спот за Македонија. Не се сомневам дека Милчо ќе направи одличен спот. И дека Македонија ќе биде прекрасно претставена и ќе биде забележана на СиЕнЕн. Ама што правиме ако некој сериозно ја сфати рекламата и посака да дојде во Македонија. Ќе му речеме да почека до некое следно европско првенство?
4 Претседателот Бранко Црвенковски на некоја трибина во Берлин рекол дека “спорот за името треба да стане жежок костен во рацете на Европската унија, која преку притисок врз Грција треба да помогне да се реши забетонираната ситуација во која се наоѓаат преговорите меѓу Македонија и Грција”.
Се слуша ли Бранко што зборува? Па сѐ почна од ЕУ. Се сеќава ли тој на Лисабонската декларација од јуни 1992 година? Со португалското претседателство на тогашната Европска заедница, кога рекоа дека не можат да нѐ признаат ако во името се содржи зборот Македонија. А пред тоа го имаа мислењето на Бадинтеровата комисија дека само Словенија и Македонија од бившата СФРЈ заслужуваат меѓународно признавање. Па потоа го чекавме претседавањето на Британците и самитот на ЕЗ во Единбург во декември 1992 што препорача спорот да се префрли во ОН.
Што сака Бранко сега. Како тогаш ЕЗ што нѐ отепа, сега ЕУ да нѐ закопа. Па кога ќе нѐ нема, ќе нема ни проблем.
5 Штрајкот на СОНК само покажа колку ни е исполитизирано и длабоко партиски поделено цело општество.
Од партијата ти зависи дали ќе најдеш работа или не. Ако најдеш, од партијата ти зависи дали ќе бидеш примен на определено време или не.
По партиска линија се примаат од чистачки до директори во школите. Просветните инспектори зависат од директорите што се, исто така, партиски поставени. Ако завршиш на суд, ќе ти судат партиски судии.
Толку од уставно загарантираното право на штрајк и на слобода на мислење. Толку колку што ти гарантира партијата на власт.
6 Дел од скопските кафеанџии се бунат против Законот за забрането пушење, па најавија и “востание” и ѝ се закануваат на Владата со “радикални мерки”.
Не знам што чека Груевски. Ете му уште една добра шанса да го одложи применувањето на Законот. Пак нека ги казни тие што уредно го почитуваат и овој закон. И така на дело да покаже кој стварно владее во државава.