1 Прво не знаевме дали Али Ахмети и Никола Груевски постигнале договор. Потоа, кога постигнале договор, не знаевме дали бил писмен или устен. Потоа излезе дека има некаков текст на англиски, напишан на хартија. Ама тоа не било договор туку било записник. На крај излезе дека договор, сепак, имало. Ама двајцата ништо не потпишале туку усно се обврзале на точките од записникот. Договорот не е писмен. Значи дека договорот е орален.
Ова е веќе толку перверзно што не може да помине ни во порнофилм. Таму колку и да трае сцената, завршува со некаква релаксација. А ние цели шеснаесет години се занимаваме со македонскоалбанскиот дијалог и никако да ја завршиме приказната. Овие нашиве само мастурбираат, а никако да свршат. И после сите сме фрустрирани.
2 Веднаш по постигнувањето на оралниот договор, почнаа да стигаат честитки од САД, ЕУ, а богами и од ДПА.
Во духот на перверзната приказна, ДПА веднаш го поздрави договорот, а другиот ден во Собранието бараше Груевски и Ахмети да кажат што имало во него.
Во истиот дух продолжи и кокетирањето на другите верни партнери на Груевски. Знаеше ли нешто за договорот Тито Петковски од НСДП? Праша ли нешто принципиелната Лилјана Поповска од ДОМ?
Ден по договорот и враќањето на ДУИ, во Собранието се создаде ново парламентарно мнозинство: ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, наспроти СДСМ и владините коалициони партнери. А Владата излезе од криза.
3 Али Ахмети им пишал на Оли Рен и на Хавиер Солана да им се заблагодари за ангажманот за постигнување на оралниот договор.
И треба да им се заблагодари. Пред само една недела се закани дека ако излезе пак од Собранието, повеќе нема да се врати дома. Го спасија. Да не го мине летото во планина.
4 Не знам само зошто и САД и ЕУ нам ни честитаа на договорот. Требаше да си честитаат самите себеси. Им го напишаа текстот, и тоа на англиски, за да може самите да си го разберат, и на крајот го поздравија како многу добар.
Тоа ти се вика “Поздрави го на брат ти”.
Кога човек подобро ќе размисли, Ерван Фуере и Џилијан Миловановиќ и требаше да си честитаат сами на себе.
Којзнае колку е тешко да си дипломат во земја во која Претседателот и премиерот не сакаат да се видат, владините коалициони партнери се караат преку медиуми, конструктивниот “ексгерила лидер” се заканува дека ќе се фати за оружје, а во Собранието секој со секого се кара.
Башка што и Фуере и Миловановиќ имаат дополнителна работа. Тие примаат плата за да се грижат за интересите на своите земји. Не ги плаќаат за да пишуваат туѓи домашни задачи.
5 Претставникот на ЕУ Ерван Фуере, коментирајќи ги најавите дека се можни предвремени избори, рече: “Тоа е исто како да скокнете од воз што забрзано се движи кон ЕУ и НАТО”.
Демек, толку е опасно. До вчера истиот Фуере ни викаше дека возот кон ЕУ и НАТО се движи многу бавно.
Тоа што Тачи му се налути на Груевски, дојде како погонско гориво. Требаше да имаме владина криза за да забрза возот кон ЕУ и НАТО.
Тоа е јурење по балканските пруги. Возот оди, оди па ќе застане. Некогаш стои долго на граница, а некогаш застанува оти и шините може да бидат украдени.
5 Премиерот Никола Груевски вчера најави дека во Охрид ќе се гради хотел од синџирот “Хилтон”.
Имало јавно наддавање во Министерството за транспорт и врски. Владата избрале “еден и најповолен понудувач”.
Тоа е исто како што ЕУ и НАТО си честитаа сами на себе.
Еден понудувач сам си се наддавал со себеси. И притоа бил најповолен.
Груевски треба да даде построги услови за градба. Да ги скуси роковите. Инвеститорот да почна да гради веднаш.
Тоа е во интерес на наследничката на светскиот хотелски синџир Парис Хилтон. Таа треба да оди в затвор на 5 јуни. Наместо во Лос Анџелес, нека ѝ понудат да лежи затвор во Шутка. Ем ќе отслужи казна ем одблизу ќе го надгледува градењето на хотелот.