Зависници од алкохол и дрога од југоистокот во Струмица ќе се рехабилитираат и ќе стекнуваат и работни вештини за полесна ресоцијализација и интеграција во општеството. Работните навики ќе ги стекнуваат преку Академија за реинтеграција на маргинализирани лица, што како проект го имплементираат Центарот за развој на Југоисточниот плански регион со Здружението ,,Избор’’ од Струмица за која Швајцарската агенција за развој и Министерството за локална самоуправа додели средства за набавка на производствени машини и опрема.
Зависниците кои се на рехабилитација во тераписката заедница „Покров“ во Струмица со набавената механизација ќе може сами да произведуваат зеленчук и овошје во оранжериите и овоштарниците а со помош на набавените машини и опрема да конзервираат храна. На тој начин ќе се постигнат двете цели, тераписката заедница да биде самоодржлива а зависниците да работат.
„Проектот нуди можност за професионална рехабилитација заради реинтеграција на маргинилизираните лица. Проектот предвидува голем број активности преку кои ќе се обидеме не само да ги вработиме овие лица, туку и да ја направиме нашата организација самоиздржлива“, рече Сократ Манчев од Здружението „Избор“.
Неколкумина зависници, кои го поминале процесот на рехабилитација, веќе се вклучија во производствениот процес на конзервирана храна преку Академијата за реинтеграција на маргинализираните лица. Имаат утврден распоред на сите активности. Сметат дека процесот на производство им отвора нови видици и стекнуваат нови искуства и вештини со кои полесно ќе можат да се вклопат во општеството откако, како што кажаа, ќе бидат „чисти“.
„Добив можност за нов почеток за живот, далеку од зависности. Овде работам, стекнувам нови навики, работи кои надвор не сум ги ни помислил. Сметам дека ќе ми бидат корисни кога ќе излезам. Тука сум 13 месеци. Задоволен сум од програмата и стручните лица. Имаме повеќе видови терапија и се трудам оти станува збор за мојот живот“, раскажува зависник, кој преку Академијата е вклучен во процесот на работа во рамките на „Покров“.
Претставници од Швајцарската агенција за развој и соработка и заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски беа во самата заедница за да увидат на што се потрошени парите и како функционира Академијата. Кажаа дека овој пример треба да биде мотив и за останатите региони да работата на реинтеграција на зависниците.
„Ова е оригинален пример како да им се помогне на оние кои се зависници, на начин на кој тие ќе бидат ресоцијализирани, не само лекувани. Токму тука не само што се рехабилитираат зависниците од психоактивни супстанци туку и работат, се социјализираат, и на тој начин стануваат активни на пазарот на трудот. Овој пример треба да се преслика во други региони во државава каде што исто така постои проблемот на зависности“, рече заменик министерот Зоран Димитровски.
Проектот Академија за реинтеграција на маргинализирани лица на Здружението „Избор“ од Струмица беше избран во рамките на регионалниот Форум на заедниците од југоистокот во рамките на програмата за социјална инклузија, каде голем број граѓански организации се изјаснија дека овој проект заслужува да ги добие средствата што ги обезбедија Швајцарците.
В. ТРАЈКОВ