1 Ни албанските избирачи не се веќе тоа што беа. Каде се оние 102 отсто излезност во липковскиот крај за претседателските избори 1999 година? Или, она масовно излегување на гласање за да се избере Бранко за претседател?
Амбасадорите го намалија одзивот во албанските средини. Беа стратешки распоредени. Ги испокршија џиповите за да се искачат по селата за да не дозволат полнење на кутиите. Гледаа како се гласа и – одзивот падна.
Ја уништија традицијата за која на локалните избори зборуваше Али Ахмети. Да оди еден и да гласа за цела фамилија. Или несопрливата потреба за демократија кога борци за човекови права со оружје ги крадеа ливчињата и ги кршеа кутиите.
Дипломатскиот кор организираше фер и демократски избори. Уште им се чудам на умот зошто на Американците и на ЕУ им е поважно од Македонија да направат стабилна и мирна држава, отколку што тоа им е важно на албанските политичари. Сега уште и задоволно велат дека Македонија покажала политичка зрелост. Па дури и ни честитаат.
Зошто сами на себе не си честитаат? Да не излезе дека се самобендисани? Или, имаат уште работа? Допрва треба да составуваат влада.
2 Со овие избори Македонија требаше да покаже дека има капацитет за влез во Европа.
Соодветно на европската ориентација, вистинскиот избор на 5 јули го направија тие што тој ден отидоа на шопинг во Солун. Отидоа напред, а не назад, како што им порача Бучко. Оти имаат сила за големи чекори, како што велеше Груевски. Не е мал чекор да добиеш грчка виза. Иако не толку голем колку за да добиеш словенечка. Го послушаа и Тито, па и силно и чесно тргнаа да се подготват за пристоен живот во “Икеа” и Космос. Некоја облекичка во “Зара” и некои салфетки и чиничиња за да не се усрамиш кога ќе ти дојдат гости. Оти и пред гости “треба да се остане човек”, што би рекла Лиле.
На влез од Грција во Македонија те чека “иднина, наместо судбина”. Така вели Љубчо, ама него го нема на преминот. На карпата над граничниот терминал виси Радмила Шеќеринска и се смее заедно со манекенките на Космофон и Мобимак што те повикуваат на роаминг со нив. Рада повикува на евроинтеграција.
Ама ние немаме време да ја чекаме неа да не поведе кон Европа. Ние сме за евроинтеграција денес. Не утре. Оти утре е работен ден.
3 Лилјана Поповска на митингот на ДОМ во Охрид ги повика гласачите да “не гласаат за малите партии кои ќе им ги потрошат гласовите”.
Што ли ги лажеа агенциите за испитување на јавното мислење во предизборните анкети. Тие на сите им велеа дека многу ќе добијат. Сите си мислеа дека се којзнае колкави партии. Без 8 – 9 мандати ич муабет не правеа. Затоа и суетно одбиваа да коалицираат меѓу себе.
Затоа петнаесет години во Македонија никако не може да се формира трета опција. Цело време мораме да бираме меѓу две. И сега, во недостиг на трета опција, победи реформирана, втора опција.
4 Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во своето победничко обраќање до нацијата им се заблагодари на тие што гласаа за него, но и на тие што не гласаа. Им се заблагодари и на најблиските соработници и на медиумите. Им се заблагодари и на странците.
Ја заборави најважната личност. Мајка му. Само неа не и се заблагодари. А таа беше клучната фигура во предизборната трка. Да не беше мајка му, СДСМ немаше да има кампања. Да немаше кампања, СДСМ можеби и немаше да ги изгуби изборите.
5 Градоначалникот на Скопје Трифун Костовски се закани дека ќе ја откаже организацијата на Европското првенство во ракомет за жени во 2008 година, ако наскоро не се најдат 12 милиони евра за изградба на спортската сала.
Колку милиони евра се потрошени за последната кампања? Од кои сметки се платени сите оние минути по телевизиите, џиновски плакати и билборди, пејачи, песни и разни чуда.?
Ај да видиме дали премиерот Груевски за почеток ќе ги покаже на увид партиските сметки за кампањата. Или, нема никој да му ги бара. Оти и СДСМ во кампањата тргна со партиско салдо – нула.
Со една сала Скопје може да биде домаќин на европски настан и Европа да ја донесе во Македонија. За жал, партиите потрошија повеќе пари да не лажат дека тие ќе не однесат во Европа.