Наградата за животно дело „Гемиџии“ за 2020 година за постигнати резултати во развојот и афирмацијата на Велес ја доби проф. д-р Сашко Јовев, кардиохирург кој го предводеше тимот кој ја изврши првата трансплантација на срце во државата. Наградата му беше врачена на пладне во предворјето на Спомен костурницата.
„Бескрајна благодарност за оваа награда. Нејзиното име значи екстремна пожртвуваност, несебичност и патриотизам, интелектуализам каков што само велешани имаат и ако некој го препознал тоа и во мене, големо благодарам. Некој да ме прашаше каква награда би сакал да добијам по извршената трансплантација, без двоумење ќе кажев токму оваа. Роден сум во Скопје, а до 7-8 години живеев во Велес и кој да ме праша од каде сум, јас велам од Велес. На Денот на ослободувањето на градот сакам да споделам дека во мојата фамилија сум имал директни учесници во ослободувањето на градот: двајцата браќа на мојот татко, а татко ми бил курир, иако имал 11-12 години“, рече Јовев.
Наградата „9 Ноември“ ја добија Инфективното одделение од велешката болница, Итната медицинска служба на Здравствен дом, Епидемиолошкото одделение на Центарот за јавно здравје Велес, Здружението на матичните лекари од Велес и лекарите кои ја направија првата трансплантација на срце, Тања Анѓуешева, Димче Славевски, Александар Колев, Катерина Ристовска-Јанев и Александра Ристовска-Тинев. Општинско признание доби и семејството Пиневи, кое по трагичната смрт на Борче Пинев несебично ги подари органите за трансплантација.
П. ПЕЧКОВ