ЛАЖЕН СЈАЈ

Паролата „Оставете нé на мир!"ја исклучува паролата “Оставете нé во мир!"

    1. “Оставете нé на мир!” беше мотото на завчерашниот митинг на “затруе­ните” во Тетово. Државата го почитува нивното барање. Трујачите одамна се оставени на мир да прават што сакаат. За неколку дена покажаа дека кога сакаат се трујат, кога сакаат организираат митинзи, кога сакаат прогласуваат вонредна состојба, кога сакаат апсат, кога сакаат тепаат новинари, кога сакаат земаат залож­ници, кога сакаат не одат на училиште…
    Сега треба да се очекува труењето да се прошири и кај другите слоеви на албанската националност. Сé до врвот – до пратениците и членовите на Владата. И бидејќи веќе нема да биде можно да се живее во ваква средина, каде што на “затруените” не им се дава лекарска помош во мешана болница, каде што во мешани училишта едни одат на настава, а други имаат час по улична демократија, а судството на државата не ги прифаќа законите на линчот и пратениците и министрите не се чувствуваат безбедни за своето здравје, затоа што во собранис­кото бифе или владиниот ресторан “нешто” ќе ги затруе само припадниците на албанската националност, најдобро е да си стават рампа некаде среде Скопје. Да се остават на мир. Кога веќе можат да имаат свој универзитет, зошто да немаат и своја држава!?
    Интересно, како паролата “Оставете нé на мир!” во суштинско значење е сосема спротивна од паролата ” Оставете нé во мир!”.

    2. Добро е што полицијата запленила извесно количество шишенца со средства за чистење дамки. Ќе ѝ треба. Да си ги исчисти сопствените дамки. Арно ама ни тоа не ѝ помага. По анализата откриле дека средството што го заплениле е фалсификат-средство за чистење дамки. Обичен “сјај” растворен во вода.
    До полноќниот “собир на граѓани” во Голема Речица се надевав дека МВР е добар сервис, барем за затворање кафеани. Таа вечер кафеаната во селото, во коешто беа држани заложничките од Скопје, не затвори во определеното време, според законот. Полицијата не успеа да влезе во кафеаната, затоа што на патот имало блокади (!?) и затоа што на тоа подрачје власта ја контролираат челниците на партиите на албанската националност во Македонија. Тие, како што ги пофали потсекретарот на МВР Диме Ѓурев, соработувале со полицијата и ја смириле масата со голем енергетски набој. Колку да се знае кој е стопан на своето!
    По ова Министерството може да им го врати фалсификат-средството за дамки на шверцерите. Колку да има кого во иднина да апси по пазарите. На МВР “сјај” не му треба. Него ништо не го пере.

    3. Продолжува обновата на сестраните врски со Србија. По минатонеделното поздравување на царинската унија меѓу СРЈ и Македонија од страна на Европската унија (кој ли нé убедуваше дека не се работи за царинска унија и дека ЕУ во случајот со Македонија го омекнала ставот кон “регионалниот пристап”?), оваа недела – соработка и на воено поле. Министерот Благој Ханџиски отпатува за Србија. Во Ниш. Злобниците веднаш направија политички виц. Зошто Ханџиски отпатувал за Ниш, а не за Белград? За да ја обнови Третата армиска област!
    Министерот се врати и опширно даде објаснување зошто се сретнал со југословенскиот министер за одбрана Павле Булатовиќ. Сега треба да очекуваме и реакција од УНПРЕДЕП. Што ли бараат превентивно распоредените мировни сили на граница што не постои, меѓу две држави кои, ете, успешно си соработуваат дури и на полето на одбраната.

    4. Полека се враќаме во колонијализам. Тетовски “Тетекс” ќе ги извезува своите производи во странство, преку белградски “Југоекспорт”. Во Македонија нема способна фирма што ќе извезува готови производи директно во странство и ќе увезува суровини исто така директно во Македонија. Сé ќе оди преку Белград.

    5. Добро е што ни дојде Робер Бадинтер и што му дадовме титула почесен доктор по правни науки на Скопскиот универзитет. Во неговото доаѓање има некаква симболика. Тој беше на чело на експертската комисија на тогашната Европска заедница која оцени дека Македонија заслужува да биде независна држава. Сега можеме да му кажеме: “Ти благодариме! Не требаше!”

    6. Пред некој ден во редакцијата ме посети едно старче и ми даде кусо писмо, кое тој  го напишал до Американците и во кое потсетувајќи се на НОВ и на првото слушање на “Глас на Америка” во 1942 година се надева дека ќе ни помогнат да ја зачуваме државата. Кога го прашав што да правам со писмото, тој ми одговори “Не барам ништо!” На мојата очигледна зачуденост (може ли некој во ова време да не бара ништо), старчето со треперлив глас и со насолзени очи ми дообјасни: “Ништо, само да ја зачуваме златнава… ” И си замина.
    Вчера имавме проблем што не можевме да се договориме кој ќе напише пригоден текст за празникот 11 Октомври. Така и се сетив на случката со старчето и неговото писмо. Затоа и решив пригодниот празничен дел од денешниов текст да му го посветам нему. Зошто ли имаше потреба некому така трогателно да му каже: “Само да ја зачуваме златнава…”

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира