Форумот за образовни промени од Тетово изнесе податоци дека професорка на Државниот универзитет во Тетово незаконски се стекнала со звањето редовен професор на Медицинскиот факултет на овој Универзитет. Овие обвиненија ги темелат на извештајот кој го добиле од Државниот просветен инспекторат преку барање за пристап до информации од јавен карактер. Инспекцискиот надзор на Универзитетот бил направен од 8 до 15 април оваа година.
„Арбреша Беџети Ферати, ангажирана на Медицинскиот факултет и истовремено сопруга на претседателот на Сенатот на Универзитетот во Тетово, успеала да биде унапредена во академски звања спротивно на повеќе од 15 законски и статутарни одредби, според извештајот на Државниот просветен инспекторат. Ова го овозможиле неколку органи, меѓу кои Наставно-научниот совет на Медицинскиот факултет, Сенатот на Универзитетот во Тетово и Рецензентската комисија. Во 2022 година, Сенатот на Универзитетот во Тетово ѝ го признава на Арбреша Беџети Ферати звањето вонреден професор, стекнато во Белград, без да провери дали кандидатката ги исполнува задолжителните законски услови. На крајот на 2025 година, деканот на Медицинскиот факултет, Невзат Елези, без законска надлежност, објавува конкурс за избор во академското звање редовен професор. Конкурсот бил објавен во дневниот печат и на веб-страницата на Универзитетот со различни датуми, додека кандидати се барале за три научни области, наместо за една, како што предвидува законот“, изјави Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени од Тетово.
Ходаи вели дека е спорна и самата Рецензентска комисија, која требала да гласа за унапредувањето на кандидатката Ферати.
„Додека законот бара релевантно мнозинство, односно два од три члена на Рецензентската комисија да бидат од областа за која се избира кандидатот, ниту еден од нив не припаѓал во областа на социјалната медицина и областа именувана како ‘друго‘, додека еден од трите члена бил од областа на биологијата, што воопшто не припаѓа во општа медицина. Особено загрижувачки е фактот што Арбреша Беџети Ферати не успеала да обезбеди докази за завршен втор циклус на образование. Покрај сите овие горенаведени аномалии, со еден исклучително проблематичен и недовршен реферат, Наставно-научниот совет на 8 април 2026 одлучил на Арбреша Беџети Ферати да ѝ го додели академското звање редовен професор“, посочува Ходаи.
Според Форумот за образовни промени, не станувало збор за индивидуален случај, туку за добро организирана шема и бара поништување на изборот.
„Универзитетот во Тетово веднаш да го поништи последниот академски избор на Арбреша Беџети Ферати, а потоа Просветниот инспекторат да истражи дали таа ги исполнува условите за звањето вонреден професор. Нејзиниот сопруг Кенан Ферати да биде разрешен од функцијата претседател на Сенатот сè додека овој случај не добие епилог“, стои во барањето на Форумот за образовни промени.
З. АНДОНОВ



