1 Зошто поранешниот директор на Фондот за здравство Рубинчо Заревски го носеа кај истражен судија со лисици на рацете и во полициски џип, а овчарот Иснифарис Џемаили без лисици и со автомобил?
Да не си помисливте дека полицијата се исплашила оти Џемаили има стап, а Рубинчо не? Не ми се верува.
Или пак Владата била внимателна да не ги прекрши човековите права. Па така овчарот го следеа командантите, оти како борци за човекови права мора да проверат што прави полицијата. А Рубинчо го следеа само новинарите. И таа теорија не ми држи вода.
Не е ни едното, ни другото. На Рубинчо му треба адвокат, а на Иснифарис – не. Тој наместо адвокат си има кече. А ако во Македонија имаш кече – тогаш си недопирлив. Па не можат да ти стават ни лисици.
2 Полицијата официјално соопшти дека заедно со вработените во Зоолошката градина низ улиците на Скопје 12 часа бркаше берберска овца.
Ако на полицијата и требаа 12 часа да фати само една овца, колку ли ќе и требаат за да ги фати овчарите.
3 Цела недела од упадот на командантите на фестивалот на албанска песна “Нота фест” со пиштоли и калашникови, тие се непознати за полицијата. МВР ги моли сведоците на настанот да кажат нешто, или да препознаат некого, а тие не кажуваат. Кога ќе се нападне со пиштоли публика од албанско етничко потекло, тогаш полицијата е виновна зошто ја немало. Ако полицијата била таму, тогаш ќе беше обвинета што бара на фестивал.
Кога се вадат калашникови по албанските села, тоа се правда со негување на традиционалните вредности. Свадбарите се веселат и пукаат од радост. Дали е свадба, дали фестивал – исто ти е. Важно е да се пее. Кој пее зло, не мисли.
Штета што во публиката не биле амбасадорите на ЕУ и НАТО во Македонија Ерван Фуере и Џилијан Миловановиќ. Оти, ние добро знаеме каде живееме и со кого, ама тие не ни веруваат.
Да беа во Универзалната сала за време на фестивалот ќе можеа посолидно да организираат уште еден политички дијалог со Али Ахмети.
Тој како сериозен политички субјект сигурно има логично објаснување зошто не треба да го почитува законот за полиција. Затоа што не почитува ни одлука на фестивалско жири. Устав во оваа прилика не се споменува.
Командантите сериозно си ја сфатиле својата борба за човекови права.
Дали менуваат фестивалска одлука или менуваат устав методите им се исти. Пукаат.
4 Полицијата не треба да ги моли сведоците да ги пријават тие што носеле оружје на фестивалот. Самите тие треба да се пријават. Што побрзо реагираат, толку подобро за нив. Ако не ги примат на работа во МВР според квотите од рамковниот, тогаш барем ќе можат да конкурираат за боречки пензии.
5 Со возбуда го следев доаѓањето на Скендербег во Македонија. Како ја помина границата кај Ќафасан. Како воодушевено го поздравуваа по патот. Како му вееја знамиња. Како градоначалникот на Струга му посака срдечно добредојде. Како телевизиите го следеа до Скопје. Како вработените во државните фирми во кои директорите се Албанци ги пуштиле дома порано за да се подготват за срдечен пречек.
Просто бев гладен за дополнителни информации. Каде преспа господинот? Дали во хотел, или на некој паркинг? Што јадел, што пиел? Дали имал некои посебни барања за време на патувањето? Дали домаќините можеби му наместиле некоја женска во соба?
Исто како што Али Ахмети бара дијалог за да нема дијалог, неговите од ДУИ со Скендербег бараа проблем таму каде што го немаше. Не побараа дозвола за градба, за да може да кажат дека не им даваат.
6 Владата еуфорично во ловниот резерват Јасен го прослави Самитот на НАТО во Рига. Не знам зошто. Ни кажаа дека вратата ни е отворена. Тоа ни го кажуваат 10 години наназад. И ни кажаа дека треба да напишеме домашно. И тоа ни го кажуваат 10 години наназад.
До сега паролата за влез во Северноатлантската алијанса беше: “Со јато во НАТО”. По последниот самит актуелна е паролата: “Од Рига баш ме брига”.
7 Директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски во врска со инспекциите на фискалните каси рече дека “Управата ќе контролира и нема да објаснува зошто некој е контролиран, а некој не”.
Баш напротив. Ич не ми е гајле кого Управата ќе контролира. Ама треба да објасни зошто некого не контролира.