1. Се сеќавате ли на акцијата против шапот и лигавката? Се сеќавате ли како ги убиваа кравите во селата каде што живеат Македонци, а како во селата каде што живеат Албанци? Знаете ли дека во скопското село Чајлане сé уште не се уништени сомнителните крави затоа што се “албански”!?
Кога животните можат за себе да обезбедат повластен статус според националната припадност, на нивните стопани, зошто тоа да не можат да го сторат и луѓето. Еве, јас барам специјален третман ако, не дај боже, утре влезам во некоја слаткарница и добијам стомачни болки. Ако сум каснал грчка “труфа” – лесно. Ќе го решиме спорот со преговори во рамките на Привремената спогодба. Ама, што ќе правиме ако случајно се затрујам од “бакљава”? Самиот податок дека труењето настанало по заблажувањето во слаткарницата чиј сопственик е Албанаец, веќе е доволен Министерството за здравство да испрати примероци од “бакљавата” во Институтот за судска медицина во Виена. Јас не ги признавам анализите на нашите институции. И барам Владата да побара помош од Американците. Бидејќи недвосмислено ќе се утврди дека труењето настанало на национална основа, ќе мора да допатува и некој американски лекар од НАТО и да ме прегледа. Затоа што на нашите лекари не им верувам.
2. Пред еден месец, на ова исто место ветив дека ќе побарам оставка од министерката за образование и физичка култура Софија Тодорова, доколку дозволи наставничката во кумановското село Романовце да биде сменета затоа што е мажена за Турчин. Тогаш реков дека по истата логика во моето образложение за оставката на госпоѓата Тодоровска ќе биде доволно да кажам дека не ми се допаѓа нејзината фризура и гласот. Деновиве наставничката е сменета, госпоѓата Тодоровска не си ја смени фризурата, а јас си стојам на зборот.
Среќа што министерката е позната итрица, па ќе се снајде. Го дала на суд директорот што ја сменил наставничката. Откако претходно му рече сам да го реши проблемот. Човекот цели 45 дена сам го решаваше проблемот и на крајот го реши. Министерството го “намести” па сега ќе го “суди”.
Не може госпоѓата министерка да се занимава со таму некоиси наставници што навреме не си избрале брачен партнер од своја вера и своја нација. Таа треба да сече ленти и одвреме-навреме да патува во странство. Освен тоа, не е министерка само за образование. Таа е и по спортот. Мора да оди и на натпреварите на кои игра државната репрезентација. Кај што оди – губи Македонија.
3. Претседателот на Републиката Киро Глигоров во Охрид ги прими првите луѓе на софиската компанија “Мултигруп”. Претседателот ја презеде истрагата за атентатот во свои раце.
4. Зошто претседателот на МАНУ Ксенте Богоев не се појави на собирот “Србите на Македонија” во Сремски Карловци? Една недела пред овој собир тој се договори со колегите од САНУ за работа на заеднички проекти. Меѓу нив и за испитување на историјата на Македонците. Првите прилози кон научното истражување ги слушнавме на собирот во Сремски Карловци. Бидејќи таму другарите на нашите академици рекоа дека Србите се автохтон народ, а ние “национално несвесни православни словенски елементи што сега се нарекуваат Македонци”, нема потреба да се прави заедничко истражување. Впрочем, што може да се очекува од нашите академици кои сé уште не чуле за Меморандумот на САНУ?
5. Како припадник на елемент од “архаична словенска маса без национална свест” нека ми биде дозволено да забележам дека неделава пратениците ја ратификуваа спогодбата со СРЈ. Никој не се потресе што Владата избрзала со примената на Спогодбата и таа функционираше без да биде одобрена од законодавниот дом. Разните филијали за градење вазалски однос кон Белград сега добиваат легитимитет.
Пратеникот на Социјалистичката партија Јован Лазаров ја поздрави спогодбата. Неговиот претседател Љубисав Иванов-Ѕинго кога беше на дневен ред ратификацијата на слична таква спогодба со Словенија бараше таа да се одложи.
Еден ден пред ратификацијата, на членовите на Комисијата за меѓународна политика на Собранието во материјалите за спогодбата со СРЈ им беше даден само анекс на српски јазик. Ништо чудно. Истата зграда во Кралството Југославија беше седиште на Вардарска бановина.
6. Како што почнала Светската српска заедница (внимавај на ова “светска”!) да ги истражува корените на Србите, ништо чудно сега, кога ни кажаа кои сме и што сме, да им се свртат на Кинезите. За нас го решија проблемот. Името Македонци ни го наметнале Ватикан, Коминтерната, Тито, папата, Американците, НАТО…. Ама, кој ли им наметна на Србите во Кина да имаат коси очи!?