ОТКАКО РЕЧИСИ ЦЕЛОСНО БЕШЕ РЕНОВИРАНА, ПЛАНИНАРСКАТА КУЛА НА ТИТОВ ВРВ ДОБИ И ИНФОРМАТИВНА ТАБЛА

    ОТКАКО РЕЧИСИ ЦЕЛОСНО БЕШЕ РЕНОВИРАНА, ПЛАНИНАРСКАТА КУЛА НА ТИТОВ ВРВ ДОБИ И ИНФОРМАТИВНА ТАБЛАИзработката, транспортот и монтирањето на таблата го направија членовите на „Аргентус Моунт“ (Фото: СДК.МК)

    Членовите на тетовскиот планинарски клуб „Аргентус моунт“ поставија информативна табла на највисокиот врв на Шар Планина, Титов Врв, на која е означена и надморската височина од 2.747 метри. Титов Врв е вториот највисок врв во Македонија, чие обележје е планинарската кула.

    „Таблата е поставена со овластување на Федерацијата на планинарски спортови, а изработката, транспортот и монтирањето го направија членовите на ‘Аргентус Моунт‘. Сите кои ќе се искачат на овој врв отсега ќе може да направат фотографија на која се гледа на која надморска височина се наоѓаат“, вели Зија Јонузи, секретар на клубот.

    Планинарската кула на Титов Врв е изградена во 1956 година и планинарите од Тетово веќе шест години прават големи напори и активности за да добие подостоинствен лик и безбедна внатрешност.

    „На кулата досега се реконструирани ѕидовите и бетонскиот покрив со современи хидроизолациони материјали, а поставени се и ПВЦ прозорци и врати. Со метални греди и дрвен под е формиран еден кат во внатрешноста, со што кулата е доведена во безбедна состојба за засолнување од невреме и за ноќевање“, објаснува Јонузи, кој е дел од групата планинари кои редовно учествувале во акциите за реновирање на кулата.

    Во текот на оваа година, тука се донесени и монтирани две дрвени трпезариски маси и една метална маса, поставени се два соларни панела и рефлектор со фотоќелии за осветлување на внатрешноста на кулата. Сиот овој материјал планинарите го носеле на раце од Попова Шапка.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира