Град Скопје заврши со реновирање на тротоарите долж улицата 11 Октомври. Изведена е пешачка и велосипедска патека, патека за лица со оштетен вид и засадено е ново зеленило. Станува збор за стандарди кои што гарантираат целосна безбедност на граѓаните во трите видови на сообраќај, односно реконструкција на коловозите, одвојување на велосипедската и пешачката патека и изградба на дактилна патека.
Градоначалникот Петре Шилегов кажа дека за пешачките патеки исфрлени се од употреба плочките што брзо се оштетуваат и користен е печатен бетон кој е поотпорен како материјал и како таков поволен за пешачење.
„Кога зборувам за новите стандарди во Скопје, кога зборувам за новата инфраструктура, мислам токму на ова денеска што можеме да ја видиме дека се реализира чекор по чекор на улица 11 Октомври“, рече Шилегов.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ кажа дека новите дактилни патеки се многу поквалитетно изведени во споредба со претходно кога биле изработувани од пластика која брзо се кршела и корнела и сега нив воопшто ги нема.
Пред еден месец Град Скопје заврши со реконструкција на коловозот на улицата 11 Октомври на потегот од крстосницата кај „Црвен крст“ до Собранието.
К. СЕЛАМОВСКА