ЗАГРОЗЕНА ОХРИДСКАТА ПЛАШИЦА АКО ПРОДОЛЖИ НАМАЛУВАЊЕТО НА НИВОТО НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

    ЗАГРОЗЕНА ОХРИДСКАТА ПЛАШИЦА АКО ПРОДОЛЖИ НАМАЛУВАЊЕТО НА НИВОТО НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРОЕкологистите велат дека ако продолжи испуштањето вода во Црн Дрим, на езерото му се заканува еколошка катастрофа - Кејот во Охрид каде што е забележливо повлекувањето на водата поради сушата и производството на струја. - (Фото: СДК.МК)

    На брегот на Охридското Езеро веќе подолг период се забележуваат „островчиња“ поради драматично намаленото ниво на водата. Упатените во проблематиката со езерскиот водостој велат дека ова е типична појава по долг сушен период. Повторно покачување на нивото се очекува по евентуални врнежи од дожд и снег во наредниот период.

    Според експертите, ваквите осцилации не се појава само оваа година, но доколку состојбата продолжи, може да биде загрижувачка.

    „Во зимскиот период, посебно на крајбрежјето, нема размножување на одредени организми кои би можеле да бидат погодени од оваа состојба. Таа единствено може да се одрази врз плашицата во каналот доколку нејзината популација е згусната. Тука би можел да се појави најголемиот проблем поради намалувањето на нивото и немање доток на вода од Билјанини Извори“, вели Зоран Спиркоски од Хидробиолошки завод Охрид.

    Влијание врз водостојот има и испуштањето на водата со отворање на портите кај истекот на Црн Дрим во Струга за потребите на производство на електрична енергија, сметаат екологистите. Според нив, ваквата состојба е штетна за животинскиот и растителниот свет во езерските води и алармираат дека тоа може да доведе до еколошка катастрофа.

    „Поради испуштањето на водата преку Црн Дрим за хидроцентралите се врши катастрофа во Охридското Езеро со тоа што се уништуваат растителниот и животинскиот свет. Сметаме дека треба да се стави крај на ова и да се ограничи една кота, која нема штетно да влијае врз екосистемот“, вели Борис Џајкоски од еколошкото друштво „Грашница“.

    Од Хидробиолошки завод Охрид велат дека регулирањето на испустот на водата за потребите на ЕЛЕМ треба да биде регулирано од посебно тело кое има сеопфатни сознанија, мерка која ќе биде предвидена со новиот План за управување со Охридското Езеро. Осцилирањето на езерото не смее да зависи од производството на струја, додава Спирковски.

    Моменталното ниво на Охридското Езеро е на законски пропишаниот минимум од 693,10 метри, што е за седум сантиметри под дозволената природна кота, утврдена со Билатералниот договор со Албанија.

    С. ВРЕНЦОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира