Општина Дојран треба да заработи околу 300.000 евра откако продаде 14 парцели за изградба на викендички во населбите Калдрма и Карач, кои се наоѓаат меѓу Стар и Нов Дојран. На одржаното јавно наддавање се пријавиле 150 лица, кои пријавиле интерес за некоја од парцелите, кои се со површина од околу 500 квадратни метри.
Најголем интерес предизвикала парцелата во населбата Карач со површина од 474 квадратни метри, за која се понуди цена од 57.000 евра, односно 120 евра за квадратен метар. Атрактивните парцели кај Калдрма достигнале цена и до 30.000 евра за 500 квадратни метри.
Градоначалникот на Дојран Анго Ангов изрази задоволство од јавното наддавање, имајќи предвид дека општината за првпат организираше продажба на државно неизградено земјиште.
„На продажба беа објавени 13 парцели кај населбата Калдрма и една во Карач со вкупна површина од 8.400 квадратни метри. Сите се продадени и како општина треба да добиеме 18,5 милиони денари, доколку кандидатите ги уплатат средствата во рок од 15 дена. Во просек, цената по метар квадратен стигна до 36 евра. Обезбедените средства ќе се искористат за инфраструктурни проекти кои граѓаните на Општина Дојран ги утврдија како приоритетни“, објави Ангов.
Освен за изградба на викендички, Општина Дојран објави продажба по пат на јавно наддавање и на други десетина парцели за комерцијални објекти со намена за угостителство, трговија, времено сместување и мали комерцијални објекти. Продажбата треба да се реализира во првата половина на декември.
В. ТРАЈКОВ