„Алкалоид“ АД Скопје денеска пушти во употреба нови производствени капацитети, изведени во согласност со строгите барања за Добра производствена пракса, во кои беа вложени 11 милиони евра.
Три и пол милиони евра беа наменети за целосно технолошко подготвување на Одделението за пакување цврсти форми, кое има површина од 2.000 квадратни метри, 5,2 милиони евра беа искористени за техничко-технолошко опремување, а 2,3 милиони евра чинеше изградбата на два нови ката, наменети за производство на цврсти фармацевтски форми и придружен простор за техничко-технолошка опрема. Тие имаат вкупна површина од 5.000 квадратни метри. Целта на оваа инвестиција и на идните вложувања во овој оддел е да се зголемат производствените капацитети на цврсти фармацевтски форми за 50%.
Примопредавањето на новите капацитети го спроведоа Милкица Глигорова, директорката на производствениот сегмент на ПЦ Фармација и Живко Мукаетов, генералниот директор и претседател на Управниот одбор на компанијата.
„Осум месеци по започнувањето на оваа капитална инвестиција, пандемијата го парализираше светот. Работевме во вонредни услови, без да ги попречиме тековните производствени процеси. И покрај сите предизвици, горди сме што на прагот на годината во која го славиме нашиот 85-годишен јубилеј предаваме во употреба уште еден комплетиран инвестициски проект. По истиот курс ќе продолжиме и во иднина, со нови вложувања во истражување, развој, нови технологии, знаење и кадар и со освојување нови пазари. ‘Алкалоид‘ ќе продолжи да се носи рамо до рамо и да биде конкурентна со големите светски фармацевтски системи, како со знаење, така и со капацитети“, изјави Мукаетов.
Ова е продолжување на континуираните вложувања на „Алкалоид“ АД Скопје, кои во изминатите две децении изнесуваат повеќе од 200 милиони евра.