Обвинетата во случајот „Меѓународен сојуз” Јасна Мандиќ на денешното судско рочиште на кое обвинителството читаше вибер-комуникација од нејзиниот телефон, за една од нив кажа дека не е нејзина, туку препратена комуникација од премиерот Зоран Заев и од поранешниот негов советник Зоран Башановиќ, кој наводно брка врски за неа да не оди во притвор.
Обвинителката Милица Гаврилова немаше коментар.
Откако според вибер-комуникацијата, едното лице (според Мандиќ, Башановиќ) му вика на другото (според неа, Заев) да види ако може Јасна да не оди во притвор, наводниот Заев му вели:
„Знаеш дека тоа зависи од обвинителството и од судот. Ќе видам што можам да направам”.
Тогаш, за разлика од првообвинетиот во „Меѓународен сојуз” Бојан Јовановски-Боки 13, Мандиќ доби куќен притвор.
Обвинителката Вилма Русковска тогаш појасни дека ваквата мерка за Мандиќ е поради тоа дека има дете со здравствени проблеми.
За случајот со невладината организација Меѓународниот сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ.
Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз”.
С. К. ДЕЛЕВСКА