ДЕЦАТА ВО МАКЕДОНИЈА ЌЕ УЧАТ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА И КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ ПРЕКУ НОВА ПРОГРАМА НА УНИЦЕФ

    ДЕЦАТА ВО МАКЕДОНИЈА ЌЕ УЧАТ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА И КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ ПРЕКУ НОВА ПРОГРАМА НА УНИЦЕФЦелта на програмата е и да се создадат можности младите од земјава да предводат национални иницијативи. - Од протестот против климатски промени во Скопје во септември 2019 (Фото: СДК.МК)

    УНИЦЕФ најави отпочнување нова програма за деца, насочена кон унапредување на образованието за животната средина и климатските промени.

    Истакнувајќи дека климатските промени и уништувањето на животната средина се едни од најголемите предизвици на нашето време, на денешниот состанок со Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за труд и социјална политика и со Шведската амбасада во Скопје беше кажано дека образованието и подигањето на свеста од најрана возраст се суштината на глобалното и локалното дејствување.

    „Возбудени сме со отпочнувањето на оваа програма денеска. Таа опфаќа критичко размислување за живот во здрава околина и за климатските промени, како и учење да се биде одговорен во секојдневниот живот. Сведоци сме на моќта на младите климатски активисти и сакаме оваа програма да создаде можности младите од земјава да предводат национални иницијативи“, рече претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џованина.

    Програмата ќе опфати предучилишно, основно и средно образование, а наставниците ќе добијат ресурси и капацитети за реализација на интересни содржини и активности. На децата ќе им се овозможат платформи и алатки за практично учење во областа на природните науки и ќе се креираат места и можности за вежбање и активно дејствување.

    „Развојот на знаењето игра важна улога во градењето здрави, зелени и климатски отпорни општества, при што децата стануваат информирани и ангажирани млади граѓани“, рече шведската амбасадорка Кристин Форсгрен Бенгтсон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира