Нема да дозволиме Европската унија да биде судија за нашата заедничка историја, како се идентификуваме или на кој јазик зборуваме, велат во заедничка изјава чешкиот и словачкиот министер за надворешни работи, Томаш Петричек и Иван Корчок, откако тие денеска не дадоа согласност за заклучоците на ЕУ за проширувањето. Во завршниот текст на заклучоците, на барање на Бугарија беше ставена фразата „погрешно толкување на историјата“, а Чешка и Словачка сметаат дека тоа е штетно и ќе предизвика компликации.
„Со оглед на клучната улога на овој документ и по внимателно разгледување, ние не можеме да се согласиме со завршниот текст што беше презентиран денеска за усвојување. Текстот, каков што е, содржи елементи вклучувајќи ja и замислата за фалсификување на историјата, што според нашето гледиште, ќе биде штетно за процесот на проширување и може да придонесе за понатамошни компликации. Нашата главна цел е и останува да биде усвојување на преговарачката рамка. Нема да дозволиме Европската унија да биде судија за нашата заедничка историја, како се идентификуваме или на кој јазик зборуваме“, се вели во заедничката изјава.
Понатаму, двајцата министри велат дека се длабоко разочарани што преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија не беа одобрени.
„Заклучоците за процесот на проширување, стабилизација и асоцијација треба да испратат обединета порака од ЕУ за политиката на проширување од една страна и за напредокот и недостатоците на кандидатот или на потенцијалниот кандидат од друга страна. Тие имаат директно влијание на бројни аспекти од политиката и се основа за пристапот на ЕУ во наредниот период“, се вели во заедничката изјава.