Монсерат Парелјо го изгубила сопругот пред осум години и божиќните собири со внуците и правнуците ѝ помагаа да се справи со осаменоста. Оваа година, 83-годишната Парелјо ќе ги помине празниците сама во својот дом во Барселона поради ризикот од зараза со коронавирус.
„Во овие денови на пандемија, се чувствувам осамено и луто“, вели таа.
Место радост и заедништво, и во други делови на светот овој Божиќ ќе превладуваат страв, неизвесност и загриженост.
Жителите на Лондон нема да смеат да примаат гости од друго домаќинство, а на Перуанците ќе им биде забрането да возат за Божиќ и Нова година за да не посетуваат роднини и пријатели. Во Јужна Африка, ќе биде забрането да се оди на плажа за празниците.
Локалните и националните власти низ цел свет воведоа одредени ограничувања, што оваа празнична сезона ќе ја направи далеку од нормална.
Во САД не постои забрана за патувања, но луѓето се советуваат да останат дома и да не се собираат.
„Ова ќе ми биде прв Божиќ да не се видам со татко ми. Ова нема да биде радосен Божиќ, но барем сме здрави“, вели 50-годишната Мишел Делер од Мичиген.
Елисавета Томова, анестезиолог од Македонија, е максимално исцрпена откако со месеци им помага на заразени трудници, а мораше да се грижи и за својот син, кој исто така го фати вирусот.
„Се соочив со чудовиште со девет глави, но и јас и син ми го победивме. Сѐ што ми треба сега е моето семејство околу мене, да прославиме во тишина и да си ги исполниме срцата со радост“, вели 54-годишната Томова.
Коронавирусот досега однесе 1,7 милиони животи и ги уништи економиите, оставајќи многу луѓе во финансиска неизвесност.
„Ова ќе ми биде првпат во животот да не сум со семејството за Божиќ, иако долго време живеев надвор од Ирска“, вели Џејмс Врен, кој ги откажа плановите за враќање дома од Хонгконг.