„70-те и 80-те во македонската ликовна уметност“ е насловена изложбата која е поставена во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје. Кураторка на поставката, која ќе биде отворена до февруари, е Марика Бочварова-Плавевска.
Застапени се дела од различни медиуми: сликарство, инсталација, фотографија и скулптура, од автори како Петар Мазев, Ристо Калчевски, Симон Шемов, Душан Перчинков, Томо Шијак, Евгенија Демниевска, Благоја Маневски, Родољуб Анастасов, Славчо Соколовски, Станко Павлески, Глигор Стефанов, Петре Николоски, Симе Узуновски.
Изложбата ги обработува проблемите на македонската ликовна сцена, како континуитет од 1960-те години и е фокусирана на уметниците кои ја создавале сцената во тие години и се многу важни за создавање на онаа нова сцена во 1990-те години, бидејќи ја промовираа неочекуваната возбудлива и транспарентна ликовна сцена во Македонија.
„Тоа е делот кој има за цел да ја потсети јавноста на преобразбите што беа подготвени да ги почувствуваат и доживеат овие децении, посебно во чинот на обединување на сето она што егзистира во сликарството, скулптурата, графиката, фотографијата итн. е поврзано со барањето да се ревалоризираат изминатите искуства за да се допре до самите протагонисти во новите појави“, вели кураторката Бочварова-Плавевска.