НА ДРВОКРАДЦИТЕ ИМ ПОМАГААТ ВРАБОТЕНИ ВО ИНСТИТУЦИТЕ НАМЕСТО ДА ГИ КАЗНУВААТ, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕ НА „ЕВРОТИНК“

    НА ДРВОКРАДЦИТЕ ИМ ПОМАГААТ ВРАБОТЕНИ ВО ИНСТИТУЦИТЕ НАМЕСТО ДА ГИ КАЗНУВААТ, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕ НА „ЕВРОТИНК“Главни локации каде најмногу се врши нелегална сеча се селата Белановце, Ваксинце, Слупчане, Липково и Матејче. (Фото: СДК.МК)

    Безмилосно се сечат шумите во липковскиот Регион, а корумпирани поединци од надлежните институци наместо да ги заштитат им помагаат на дивокрадците во нивното немилосрдно уништување, покажало истражувањето на Центарот за европски стратегии „Евротинк“ на тема „Спротивставување на корупцијата во животната средина на локално ниво“. Жешките точки и главни локации каде најмногу се врши нелегална сеча се селата Белановце, Ваксинце, Слупчане, Липково и Матејче.

    На годишно ниво се краде огромна количина дрвна маса која што завршува на црните пазари за огревно дрво.

    „Застрашувачка е состојбата со дивата сеча на дрва во Кумановско-Липковскиот Регион. Во овој реон оперираат организирани криминални групи, со строго утврдена хиерахија, во многу чести случаи поврзани со поединци во државните институции, коишто за жал се корумпирани. Не сакаме да кажеме дека сите институции се корумпирани, меѓутоа дефинитивно во сите засегнати институции и тоа во Национални шуми, Шумска полиција и Министерството за внатрешни работи, има поединци коишто отстапуваат од правилата и нормите на стручно и совесно вршење на својата служба и дејствуваат организирано со овие криминални групи, притоа сите заедно остваруваат големи профити“, вели Иван Стефановски од Центарот за европски стратегии „Ервотинк“, кој работеше на истражувањето во проектот.

    Шумите се на удар од организирани дрвокрадци поради дупки во законите, институционална и вонинституционална корупција, неказнивост и слаби капацитети на шумската полиција и шумочуварите.

    Истражувањето покажало дека надлежните институции поднесуваат мал број прекршочни и кривични пријави, најчесто кон непознат сторител. Па така во период за 9 години, поточно од 2010 до 2019 година, Шумското стопанство во Куманово има поднесено само 8 кривични пријави и 22 прекршочни пријави за бесправна сеча, додека ОЈО Куманово за истиот период има поведено 15 кривични постапки за кривично дело пустошење на шуми, за кои не се знае дали се завршени. СВР Куманово, во рамките на операцијата „Гора“ има поднесено вкупно 145 кривични пријави за вкупно 204 кривични дела.

    Дрвокрадците од Липковско ги користат непристапните патиште за пренесување на дрвата, пред сè преку Арачиново, а нивната дистрибиција оди преку легалните патишта. Дрвната маса од овој реон завршува на пазарите во Западна Македонија и тоа од Тетово до Струга.

    „Тие не се невидливи за надлежните, туку напротив некој замижува и не сака да ги види. Зборуваме за многу поединци и многу организирани групи, кои дозволува многу дрвна маса буквално се шета од место на друго. Не зборуваме за грст дијаманти коишто можете да ги ставите во џеб и никој нема да ги види, туку огромна количина на дрва“, додава Стефановски.

    На годишно ниво во нашата држава на диво се сечат околу 600.000 кубни метри дрвна маса, што илустративно би значело да се наредат од Куманово до Нови Сад, а се прави штета од 60 милиони евра.

    За да се решат овие проблеми, потребна е политичка волја, организација и координација помеѓу клучните чинители коишто можат да ја сузбијат оваа спрега. МВР, Национални шуми, Шумска полиција, се трите клучни институции и триаголникот којшто може најмногу да придонесе оваа појава да се сузбие.
    Aлександар Стојановски од „Евротинк“ смета дека една од клучните причини поради кои ова ни се случува е нерешениот проблем на стратешко ниво како луѓето ќе се загреваат.

    „Сè додека имаме државна политика за нерешавање на тој момент, ќе имаме простор нелегалната сеча да вирае, поготово што легалното дрво што го обезбедуваат Нацинални шуми не е доволно за да ги задоволи потребите на домаќинствата коишто се греат на дрво. Другата причина е што луѓето во урбани и рурални средини од економски и инфраструктурни причини немаат друг излез за загревање. Ако државата направи анализа да види колку на општествено ниво не` чини ова, затоа што има нус појави кои предизвикува горењето на дрвата, а тоа се загадувањето, намален шумски фонд, свлечишта, ерозии, лизгање на земја, промена на климата, ќе видат дека повеќе се исплати државата да направи стратегија и да инвестира во некои обновливи извори на енергија, и по специјални цени ќе им ги дава на социјално загрозените семејтва, за да не мора да се рејат на дрва“, вели Стојановски.

    Македонија досега нема направено попис на шумскиот фонд, па поради тоа не може точно да се утврди колкава површина на шуми е уништана од дрвокрадците. Македонија, шумите ги има добиено од два наврати и тоа големо пошумување во седумдесетите години на минатиот век во време на социјализмот кога со одлуката било забрането чувањето на кози и извршена е заштита на шумите, вториот период е од поново време со акцијата Ден на дрвото, но тука се знае каков ефект е постигнат.

    Центарот за евроспки стратегии ќе спроведе кампања за едукација на граѓаните, да пријавуваат нелегалните продавачи и да не купуваат крадено огревно дрво.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира