НА ТЕЛЕВИЗИЈА ГЛЕДАВ ШТО СЕ СЛУЧУВАШЕ ВО СОБРАНИЕТО, СВЕДОЧЕШЕ ЈАНКУЛОСКА НА СУДЕЊЕТО ЗА ОРГАНИЗАЦИЈА НА 27 АПРИЛ

    НА ТЕЛЕВИЗИЈА ГЛЕДАВ ШТО СЕ СЛУЧУВАШЕ ВО СОБРАНИЕТО, СВЕДОЧЕШЕ ЈАНКУЛОСКА НА СУДЕЊЕТО ЗА ОРГАНИЗАЦИЈА НА 27 АПРИЛОд септември минатата година Јанкулоска е на отслужување на четиригодишната затворска казна за случајот „Тенк“. (архивска фотографија)

    Во Основниот кривичен суд продолжува судењето за организација на нападот во Собранието на 27 април 2017, со сведоци предложени од одбраната. Денеска, меѓу другите, сведочеше поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која во тој период имала само партиска функција и рече дека дента до 17 часот била во партиското седиште и не забележала ништо невообичаено. Потоа си заминала дома и на телевизија го гледала нападот во Собранието.

    „Јас во 17 часот си заминав од партијата, отидов дома и на телевизија видов што се случува во Собранието“, кажа Јанкулоска во сведочењето пренесено од државната агенција МИА.

    Јанкулоска, како и нејзините сопартијци кои сведочеа на претходните рочишта, кажа дека ВМРО-ДПМНЕ не била организатор на протестите и додаде дека партијата формално никогаш не се изјаснила и немала став по однос на протестите.

    Таа не е министер за внатрешни работи од мај 2015 година, кога си поднесе оставка, а од септември минатата година Јанкулоска е на отслужување на четиригодишната затворска казна за случајот „Тенк“.

    По Јанкулоска сведочеше Никола Тодоров, кој тогаш беше пратеник и министер за здравство. Тој кажа дека во тој момент насилство најмалку му одговарало на ВМРО-ДПМНЕ, а раскажуваше и како им помагал на повредените колеги.

    Случајот го води судијата Илија Трпков, кој им дозволи на обвинетите да повикаат колку сакаат сведоци.

    Обвинети за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Осомничен во истрагата беше и поранешниот премиер Никола Груевски, но беше изоставен од обвинението, бидејќи е недостапен откако избега во Будимпешта и таму доби азил.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира