СРЦЕТО ЌЕ ЗАИГРА КОГА НЕКОЈ ЌЕ МЕ ПРАША „ГО ЧИТАШЕ ЛИ ГОРАН?“, ВЕЛИ ЗЛАТКО БЛАЈЕР, ПРВИОТ УРЕДНИК НА МИХАЈЛОВСКИ

    СРЦЕТО ЌЕ ЗАИГРА КОГА НЕКОЈ ЌЕ МЕ ПРАША „ГО ЧИТАШЕ ЛИ ГОРАН?“, ВЕЛИ ЗЛАТКО БЛАЈЕР, ПРВИОТ УРЕДНИК НА МИХАЈЛОВСКИЗлатко Блајер/Факсимил од колумната „Сакам да кажам“ од 1995. (Фото: Лична архив)

    Новинарот Златко Блајер на крајот на 1980-те беше главен и одговорен уредник на „Вечер“, кој ја лансираше професионалната новинарска кариера на Горан Михајловски. Блајер, кој од 1990 живее и работи во Австралија, се сеќава на времето што беше претходница на почетокот на колумната „Сакам да кажам“ на Михајловски, најдолготрајната колумна во историјата на македонското новинарство, која првпат е објавена  на 12 јануари 1991 и без прекин излегува точно 30 години.

    „И денес, триесет години подоцна, моето подостарено срце ќе заигра кога некој нашинец тука – на претпоследната станица на светот – ќе ме запраша ‘Го читаше ли Горан?’“, пишува Блајер во неговата белешка за одбележување на јубилејот на колумната.

    „Сѐ почна летото 1989, неколку месеци откако од ‘Нова Македонија’ дојдов за главен и одговорен уредник на ‘Вечер’. Насте Стојковски, директор и главен уредник на ‘Студентски збор’, предложи да видам еден негов соработник кој штотуку дипломирал на новинарство и му е време за редовно вработување.

    Горан дојде на интервјуто (разговор, на старомакедонски) со своето фолио (папка со исечоци на негови написи, според тогашниот јазик). Не се сеќавам за што разговаравме, но знам дека беше изненаден што не ја отворив неговата папка. За тоа имаше две причини: го ценев Насте како опитен професионалец и чесен човек, и… затоа што претходно прочитав неколку написи на Горан.

    Од нив се гледаше дека тој лесно ќе се вклопи во екипата што во ‘Вечер’ се приспособуваше на новото време што забревтано настапуваше. За бегло потсетување, таа есен југословенската Партија (знаете која) веќе се кинеше по национални шевови, а со тоа и државата, на македонската политичка сцена навлегуваа раслојувања и конфузии, падна Берлинскиот ѕид, на економската криза не ѝ се гледаше крајот…

    Внатрешно-политичката рубрика на ‘Вечер’ набрзо почна сѐ поотворено да ги критикува пропустите и слабостите на власта, и да ја испробува нејзината трпеливост. Тоа претпазливо напредување низ минско поле кон новинарска и лична слобода кулминираше со самостојната одлука на партиската организација на ‘Вечер’ да се самораспушти – прв таков настан во светот.

    Горан беше идеален ‘шпиц’ играч во тој и таков тим. Образован и професионално веќе формиран, без страв од судири со ‘тие горе’, цивилизирано дрзок, бескомпромисен во застапувањето за демократски принципи и вистина, тој брзо си направи ценето новинарско име.

    Следното лето, во 1990 година, заминав во Австралија и мојот дотогашен заменик Александар Ивановски продолжи да го води ‘Вечер’. Под негово менторство, Горан ја објави првата рубрика (тогаш тоа не го викавме колумна) ‘Сакам да кажам’. И да ја употребам изветвената фраза, ‘останатото е историја’… што продолжува“, пишува Блајер за 30-годишнината на „Сакам да кажам“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира