ВОНРЕДНА КОЛУМНА

И така, на 12 јануари 1991 излезе „Сакам да кажам“. И следната сабота уште една. Па уште една, па уште една...

ВОНРЕДНА КОЛУМНА

Драги мои,

Ова не е мојата редовна колумна. Денеска е 30. роденден на „Сакам да кажам“. На 12 јануари 1991, во весникот „Вечер“ се појави првата колумна „Сакам да кажам“. Главниот уредник, покојниот Ацо Ивановски, ми даде задача да направам уводник за саботното издание. Да се пишува коментар за саботно беше престиж и по непишано правило таа страница беше резервирана за големи новинарски имиња. А јас бев почетник, со нешто повеќе од една година стаж во „сериозното новинарство“.

Имав трема кога ги пишував тие уводници оти мислев дека треба да покажам дека многу сум паметен, дека знам многу странски зборови, дека пишувам сложени реченици, дека користам политичка фразеологија. Арно ама, бидејќи тоа ми паѓаше исклучително тешко, почнав да пишувам едноставно како што зборувам и кога не треба да се правам многу паметен. Онака, како што јас како читател би сакал да прочитам. Се сеќавам дека ќе седнев во петок попладне пред машината за чукање, ќе гледав во празниот лист хартија, ќе мислев, ќе мислев, ќе пиев кафиња во бифето, ќе шетав по ходници, ќе се шуткав по канцаларии кај колегите од мојата редакција, па слегував и до кај колегите во „Нова Македонија“ и на крај ќе си речев: Чекај бе, како сакаш да кажеш? Напиши како што кажуваш.

И така, на 12 јануари 1991 излезе „Сакам да кажам“. И следната сабота уште една. Па уште една, па уште една. И кога еднаш му реков на уредникот Ацо дека многу ме мрзи, дека нема што да пишувам, дека немам идеја, многу се налути и ми рече: „Ова е сериозен весник, а ако ти сакаш да бидеш почитуван новинар немој никогаш да ти текне да ги изневериш читателите. Јас ќе те казнам ако задоцниш, ќе те наградам ако порасне тиражот, некогаш ќе се повториш, некогаш ќе бидеш одличен, некогаш ќе бидеш никаков… Јас дури и би можел да ти простам ако не се појавиш некоја сабота. Но, читателите се немилосрдни. Тие не простуваат“.

И така, секој петок, повеќе од 1.500 петочни попладниња јас седам пред белиот екран (некогаш беше бел лист хартија со индиго) и се туфкам што сакам сега да кажам, а не сум го кажал порано. Како да го кажам, а да биде кажано како што би сакал да го прочитам. Да искритикуваш, а да не навредиш. Да пофалиш, а да не бидеш подлизурко. И пијам кафиња, станувам, седнувам, вртам телефони, кинам ливчиња, ги грицкам со забите, излегувам „на кратко“ да им се пожалам на пријателите дека немам идеја, ги малтетирам колегите дека не ми помагаат, ѝ ѕвонам на жена ми по сто пати да прашам – за што правевме муабет што реков дека не е лошо да се напише…

Колумната „Сакам да кажам“ опстојува толку долго баш поради тоа што неа ја пишуваат луѓето со кои сум речиси секојдневно во контакт, колешки и колеги, блиски другарки и другари, пријателчиња, познајници, но и луѓе кои ги сретнувам на улица, во продавница, во кафеана… Им ги ловам речениците, им ја фаќам мислата, ги замолувам да ми дообјаснат, да повторат…

Триесет години секој петок мене ми е 12 јануари 1991. Ама не ми е тешко. Оти ве имам вас што ја пишувате колумната заедно со мене. И секој петок ја имам истата трема како на 12 јануари 1991. Оти внимавам да не ве разочарам.

Да сте ми живи и здрави,

Ваш Горан

П. С. По повод 30 години на колумната „Сакам да кажам“ и 5 години од основањето на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК, од денеска можете бесплатно да ја инсталирате мобилната апликација СДК.МК.

Отсега вестите можете да ги имате секогаш со вас на вашите мобилни телефони.

За андроид уред инсталирајте нa:

 

 

За ИОС уред инсталирајте на:

 

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира