ОСТАВКА ПОДНЕСОВ ОТИ ЉУТКОВ МЕ ИГНОРИРАШЕ, А ДРЖАВНАТА СОВЕТНИЧКА ЃОРГОВА МИ СЕ ЗАКАНУВАШЕ, ВЕЛИ СИМОНА ГРУЕВСКА-МАЏОСКА, КОЈА БЕШЕ ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СОВЕТОТ ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

    ОСТАВКА ПОДНЕСОВ ОТИ ЉУТКОВ МЕ ИГНОРИРАШЕ, А ДРЖАВНАТА СОВЕТНИЧКА ЃОРГОВА МИ СЕ ЗАКАНУВАШЕ, ВЕЛИ СИМОНА ГРУЕВСКА-МАЏОСКА, КОЈА БЕШЕ ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СОВЕТОТ ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК„Бидејќи имав покана за јавната расправа, отидов со намера јавно да ги кажам забелешките, но од државниот секретар ми беше кажано да не зборувам јавно и дека 'на нивен предлог сум била избрана за претседател', што е класична закана. Јавната расправа ја напуштив и истиот ден ја напишав оставката со неличните причини“, вели Груевска-Маџоска. (Фото: Фејсбук)

    Оставката не ја поднесов од лични причини, туку поради односот кон мене од министерот за култура и туризам Зоран Љутков и заканата од државниот советник за култура (Марија Ѓоргова – н. з.), вели професорката Симона Груевска-Маџоска, која на 12 мај си поднесе оставка од функцијата како претседателка на Советот за македонски јазик.

    Во објава на Фејсбук таа ги образложува причините за оставката и заклучува: „Мојот заклучок на крајот е дека никој не се грижи за македонскиот јазик (што се гледа и од тоа дека три години од донесувањето на Законот не функционира Инспекторатот) и Господ да ни е напомош“.

    На вчерашната прес-конфереција, на новинарско прашањеза тоа кои се причините за оставката на Груевска-Маџоска, министерот Љутков рече: „Па нема да ги коментирам, тоа се лични причини на претходната претседателка, така што не би ги коментирал“.

    Новиот претседател на Советот за македонски јазик се бира по претходна согласност на министерот за култура и туризам и министерот за образование и наука, а го назначува Владата. Љутков најави дека новиот претседател ќе се избере на денешната седница на Владата.

    Маџоска-Груевска денеска на Фејсбук напиша дека кога ја дала неотповикливата оставка, решила да не дава изјави по медиумите, иако ѝ барале.  Но, вчерашната изјава на министерот за култура и туризам, дека оставката ја дала од лични причини, ја натерала јавно да се произнесе во интерес на вистината.

    „Вистината е дека за една и пол година, колку што бев претседател на Советот за македонски јазик, не сум имала ниту една средба со министерот за култура и туризам. Ниту дошол да го поздрави конституирањето на Советот како што е ред, ниту барем да ми се заблагодари за сите активности што ги направив во текот на минатата година со одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Патем, сето тоа беше направено без пари, сите учесници што настапија на свеченоста во МНТ настапија без пари, па јас дури и сценариото го напишав без пари (нешто што го направив прв пат во животот, зашто сум научник, а не сценарист), зашто сѐ уште има луѓе што си ја сакаат татковината. Прашањето е како Владата и Министерството за култура и туризам не предвиделе буџет за ова одбележување, а полни им се устите со македонскиот јазик, главно преку цитати од познати писатели и дејци во напишаните говори. Да се потсетиме дека оваа година Владата ќе ги плаќа Дејвид Гета и Хозе Карерас за прославата по повод 35 години од осамостојувањето на Македонија. Приоритети“, стои меѓудругото во нејзината објава.

    Професорката пишува дека речиси една година трчала и молела да се започне со изработка на Националната стратегија за македонскиот јазик, предвидена во Законот за употребата на македонскиот јазик. На нејзиното барање за средба со правната служба на Министерството за култура и туризам ѝ било  пренесено дека биле многу зафатени и дека треба да се обрати до министерот за култура и туризам, што и го сторила на 29 мај 2025 година.

    „Чекав повеќе од 6 месеци на одговор, кога повторно го ставив на дневен ред на седница на Советот за македонски јазик, па се растрчаа со смешна приказна дека министерот не го добил дописот. Работната група за изработка на Стратегијата се формираше дури на крајот на јануари 2026 година со член од Министерството за култура кој (која) беше еден вид петта колона во групата, за што ѝ пишав на државниот секретар и не добив одговор. Притоа, барав прием кај министерот за култура и туризам и два месеци чекав пред да ја дадам оставката, а никогаш не го добив“, вели Груевска-Маџоска и продолжува:

    „За крај, се закажа јавна расправа за Националната стратегија за култура, за која пишувачите никогаш не се консултирале со Советот за македонски јазик и во делот за македонскиот јазик пишувале, најблаго речено, неточни работи. Бидејќи имав покана за јавната расправа, отидов со намера јавно да ги кажам забелешките, но од државниот секретар ми беше кажано да не зборувам јавно и дека ‘на нивен предлог сум била избрана за претседател’, што е класична закана. Јавната расправа ја напуштив и истиот ден ја напишав оставката со неличните причини и ја доставив до Владата, до Министерството за култура и туризам и до Министерството за образование и наука. Забелешките за Националната стратегија за култура ги доставив до Комисијата за култура при Собранието на Македонија и до Министерството за култура и туризам. Никој потоа не ме контактираше (официјално), ниту добив некаков одговор ниту од Владата ниту од Министерството за култура и туризам. Мојот заклучок на крајот е дека никој не се грижи за македонскиот јазик (што се гледа и од тоа дека три години од донесувањето на Законот не функционира Инспекторатот) и Господ да ни е напомош“, вели Груевска-Маџоска во објавата.

    По нејзината објава, реагираше министерот Љутков, кој ги отфрла обвинувањата и критиките изнесени во образложението на оставката на Груевска-Маџоска, нагласувајќи дека одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик било резултат на координирана работа на повеќе институции, а не на поединечни иницијативи. Тој посочува дека Владата, Министерството за култура и туризам и останатите вклучени субјекти обезбедиле организациска и финансиска поддршка за реализација на бројните настани и активности поврзани со јубилејот, како и дека процесите околу подготовката на Националната стратегија за македонскиот јазик се одвивале согласно предвидените процедури.

    Љутков оценува дека јавното изнесување на несогласувањата и селективното претставување на фактите може да му наштети на угледот на Советот за македонски јазик и на институциите кои учествувале во овие процеси. Според него, прашањата поврзани со македонскиот јазик треба да останат надвор од политички и лични пресметки и да бидат предмет на заедничка и одговорна грижа. Министерот на крајот вели дека, и покрај разликите во ставовите, останува отворен за дијалог и конструктивна соработка со сите чинители кои придонесуваат за заштитата, развојот и афирмацијата на македонскиот јазик и културен идентитет.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира