Поранешниот директор на Македонската радио телевизија (МРТ) Марјан Цветковски е избран за директор на Фондацијата „Скопје европска престолнина на културата 2028“, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК Град Скопје. Фондацијата „Скопје 2028“ ја формираше Град Скопје на 28 јануари и таа ќе раководи со сите активности поврзани со спроведувањето на манифестацијата, како и со финансиите кои се наменети за овој проект.
Цветковски беше на функцијата директор на МРТ 15 години, односно од 2012 до април годинава. Веднаш по завршување на мандатот во МРТ е поставен на нова јавна функција, директор на Фондацијата „Скопје европска престолнина на културата“.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски денес одговарајќи на советничко прашање на седница на Советот на Град Скопје како е избран Цветковски на оваа функција, рече дека тој е личност со сериозно искуство.
„Марјан Цветковски го познава долги години. Сметам дека е човек со сериозно искуство и убеден сум дека ќе даде одлични резултати“, рече Ѓорѓиевски.
- ДВЕТЕ ГЛАВНИ ЛОКАЦИИ, ПОШТА И УНИВЕРЗАЛНА САЛА СЕ ИЗГОРЕНИ, А ОСТАНА УШТЕ ГОДИНА И ПОЛ ДО „СКОПЈЕ – ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА“
- ЧЕКАМЕ ВЛАДАТА ДА НИ ЈА ДАДЕ ЗГРАДАТА НА ПОШТАТА ЗА ДА БИДЕ МЛАДИНСКИ ЦЕНТАР ЗА СКОПЈЕ – ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028, РЕЧЕ ЃОРЃИЕВСКИ
- ОБЈАВЕН ПРВИОТ КОНКУРС ЗА КУЛТУРНО-УМЕТНИЧКИ ПРОЕКТИ ЗА „СКОПЈЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028“, БУЏЕТОТ Е ВКУПНО 300.000 ЕВРА
Белег на неговото раководење беше тоа што во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со премиерот Никола Груевски јавниот сервис не ги емитуваше таканаречените бомби од прислушуваните разговори што ги објави опозицијата во 2015, иако лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов тогаш им достави цедеа со овие записи. Цветковски изјави дека „уредувачката политика на телевизијата не може да се управува според барањата на седумдесетина граѓани, кои имаат свои цели“.
По неговиот реизбор за директор по трет пат во 2018, реагираа од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) велејќи дека реизборот на Цветковски не оди во прилог на реформирање на јавниот сервис и неговото ослободување од политичка контрола. Цветковски не беше сменет од директорската функција ниту за време на осумгодишното владеење на СДСМ.
- СЕ КРИЕ ПРОГРАМАТА ЗА СКОПЈЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028, НЕ СЕ ЗНАЕ НИ КОЈ Е ВО КООРДИНАТИВНОТО ТЕЛО
- ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА Е ЗАГРИЖЕНА ЗА ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА СКОПЈЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028, ИНСТИТУЦИИТЕ НЕ ПРИКАЖАЛЕ ШТО ДОСЕГА Е СРАБОТЕНО
- СКОПЈЕ ЌЕ БИДЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА ВО 2028 ГОДИНА
Град Скопје во февруари го објави првиот конкурс за финансирање културно-уметнички проекти за „Скопје Европска престолнина на културата 2028“. Предвиден е вкупен буџет од 300.000 евра, при што еден грант има максимален износ до 50.000 евра. За резултатите од конкурстот уште нема никакви информации во јавноста односно не е соопштено кои проекти се избрани и по колку пари ќе добијат.
Во септември 2023 Скопје ја доби титулата за Град на културата во Европа за 2028, европска иницијатива за културна соработка. Скопје ќе ја дели титулата со градовите Ческе Будјејовице во Чешка и Бурж во Франција.
Oфицијалната програма ќе се спроведува низ целата територија на градот и во десетте општини, како во институциските, така и во јавните простори.
А. АНТЕВСКА



