Целодневната расправа за Предлог-законот за попис на населението и домаќинствата во Република Северна Македонија продолжи во попладневните часови и докај 18.15 часот кога заврши, но со одложено гласање за некој друг ден, не престанаа препукувањата и обвинувањата за манипулации меѓу ВМРО-ДПМНЕ од една и министерот за правда Бојан Маричиќ, подносителот на Законот.
На заканите дека ВМРО-ДПМНЕ ќе повикува на бојкот на пописот, Маричиќ им кажа на пратениците дека оваа статистичка операција што ја немаме скоро 20 години е многу потребна на државата и оти тие очигледно помешале избори и попис. Ова е закон и тој ќе се донесе и потоа треба да се спроведе, рече Маричиќ.
„Вие со вашиот повик за бојкот ќе придонесете да излезат што помал број Македонци на пописот. Ако ви е тоа целта, секоја чест!“, рече Маричиќ.
Пратениците од опозицијата изнесоа свои аргументи зошто имаат недоверба во веродостојноста на операцијата и на бројките што ќе се добијат со предложениот закон според кој ќе се одвива пописот. Најспорно е тоа што нема методологија како ќе се одвива операцијата. За ова Маричиќ кажа дека таа накнадно ќе биде донесена. Забелешки имаше и што попишувачите нема да се обучуваат, за што тој кажа дека обуката за пописот што пропадна во време на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ траела само еден ден, а сега ќе трае еден месец.
Маричиќ ги уверуваше пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека собраните податоци на пописот ќе се проверуваат во други 8 датабази, за да се добијат најточните.
Зоран Крмов имаше повеќе забелешки, а најбитната забелешка му е зошто резултатите од пописот на крајот да бида со врзан потпис на директорот и на заменикот-директор на Државниот завод за статистика?
„Врзаниот потпис е уцена од ДУИ. Не им се свиѓаат резултатите, нема да ви го потпишат, тоа е позадината на врзаниот потпис. Нема методологија. Велите податоците ќе се проверуваат преку датабазите. Но, датабазите не се ажурирани“, беа само дел од забелешките на Крмов.
„Во март, луѓето во дијаспората може да се регистрираат во нашите дипломатски претставништва. Ако не успеат, луѓе што ги познаваат, за нив ќе кажат, ќе дадат податоци. Потоа, тие податоци ќе се споредуваат во датабазите. А за врзаниот потпис гледајте гаранција во тоа, ништо повеќе“, убедуваше Маричиќ.
Седницата пред гласањето ја прекина до догледно време потпретседателот Горан Мисовски, но не кажа кој ден ќе биде тоа.
С. К. ДЕЛЕВСКА