ФБИ ги проверува сите 25.000 припадници на Националната гарда кои пристигнуваат во Вашингтон за инаугурацијата на Џо Бајден, откако официјални лица од армијата изразија загриженост за можен внатрешен напад или закана, дури и од редовите на самото обезбедување на церемонијата, што ќе се одржи в среда.
Командирите биле предупредени да бидат спремни за проблеми во сопствените редови, а членовите на гардата се обучуваат да препознаат потенцијални внатрешни закани, изјави секретарот на армијата Рајан Мекарти.
„Постојано одиме низ тој процес и двапати, трипати проверуваме секој поединец кој е вклучен во операцијата“, вели Мекарти.
Неколкумина активни членови на Националната гарда се уапсени во врска со неодамнешниот упад на приврзаниците на Трамп во зградата на Конгресот, кога починаа пет лица.
Предупредувањето уследи откако мали групи вооружени луѓе вчера се појавија на најавените десничарски демонстрации низ земјата. На повеќето протести имало само неколку десетици луѓе, иако тие се најавуваа во сите 50 американски сојузни држави.
Околу 25.000 припадници на Националната гарда ќе бидат распоредени во Вашингтон за инаугурацијата, двојно повеќе од претходни вакви церемонии. Процесот на проверка почнал уште пред една недела.