Обвинителката Фатиме Фетаи остана на кривичното дело тероризам и за него ги обвини во прецизирањето на обвинителниот акт за петкратното убиство кај Смиљковско езеро од 12 април 2012 година: Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се избегани и се во Косово, како и братот Агим Исмаиловиќ, кој е во притвор.
Хаки Азири го обвинува за помагање на сторител по извршено кривично дело, а Фејзи Азири за две такви кривични дела помагање.
За Сами Љута, рече таа, нема докази за вмешаност во кривичното дело тероризам, ниту за други дела, па предложи за него судот да го одбие обвинението.
„Изборот е жртвите да бидат Македонци, но мотивот не е познат. Овој мотив можеше да предизвика повторен конфликт, но конкретен мотив нема. Единствено, што би се предизвикало, е дестабилизација на земјата и влошување на меѓунационалните односи”, рече на крајот од завршните зборови Фетаи.
Потоа за избеганите кажа:
„Причината за неекстрадицијата можеби е подлабока, што упатува на пасивноста на косовските власти, но времињата се менуваат. Очекувам тие да бидат донесени во Република Северна Македонија, да се соочат со родителите на жртвите и да им кажат зошто ги убиле нивните деца, како и рибарот”.
9 до 10 години затвор побара за Хаки Азири, а за Фејзи Азири 15-годишна затворска казна.
На крајот на завршните зборови, обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски цитираа разговори на избеганите Демири и Исмаиловиќ и во неколку од тие разговори со јасни цитати, без шифри, беше кажано дека Демири барал за два-три дена да извади итно патна исправа, па дури и дека брка врски за тоа. Еден од соговорниците му кажува дека може по брза постапка, но дека тоа ќе го чини поскапо.
Фетаи кажа дека најверојатно некој од тие што ја воделе истрагата во МВР му дојавил на Демири дека истрагата оди во насока кон нив, како сторители на петкратното убиство и новиот пасош, како што рече таа, не дочекал да биде изваден од Демири, кој избега во Косово без пасош.
По овие наводи на Фетаи, никој не спомна и не го постави прашањето дека можеби треба да се отвори истрага за лицата што ја воделе истрагата во 2012 година, во насока да се утврди зошто ги пуштиле да избегаат овие следени лица, тогаш осомничени, во ситуација кога имале такви оперативни сознанија за нив.
С. К. ДЕЛЕВСКА