1. Волшебната реченица во Македонија е: “Ние ништо не знаевме.” Таа, и овој пат, успешно функционира на примерот на Македонска банка. Никој ништо не знаел што се случувало со банката цели четири години. Дури ни сопствениците. Оти не се знаело ни кои се сопственици.
Луѓето од власта сигурно не знаеле. Тоа што беа блиски со раководниот кадар на банката, не морало да значи и дека низ дружењето им ја откриле тајната на успехот, со мали пари да станат банкари и индустријалци. Не знаеле ни фирмите преку кои одела онаа смешна трансакција на акциите од Љубљанска банка. Демек, да знаеле дека на банката така добро ќе ѝ оди, немало да ги препродадат акциите уште истиот ден кога ги купиле. А тоа дека не знаела ни Народна банка на Македонија е сосема за верување. Таа не знаеше ни за ТАТ – додека не се откри. Тоа што еден од акционерите на Македонска банка е акционер и во Кредитна банка, во чие раководство седи сопругата на бившиот гувернер Борко Станоевски, нема никаква врска со знаењето. Сопругите не секогаш им кажуваат сé на мажите. Згора на тоа, бившиот гувернер си имаше и други проблеми – беше врзан со “синѓири”, па во процесот на “ослободување” немаше време да дознава што му се случува по банките.
Со високите каматни стапки државата го уништуваше стопанството, а ги зајакнуваше банките. Со богатењето на банките, им го овозможи и личното богатење на тие што ги поседуваа. Господата од Македонска банка излегле махери, па со 60 илјади марки си го купиле контролниот пакет акции во банката. Скопска “Газела”, не можејќи да ги издржи високите камати што ѝ ги должи на банката, пропаѓа и станува сопственост на Македонска банка. И така, махерите само со 60 илјади марки стануваат сопственици на половина банка и на половина фабрика.
Тоа досега никој не го знаеше!? Како што веројатно не се знае што се случи со ФАС “11 Октомври”, МЗТ, “Треска”!? Како што, претпоставувам, не се знае ни сопственичката структура по другите “ситни” банки.
Што сакаат да ни кажат кога ќе ни речат: “Ние ништо не знаевме”? Дека тие не се од тука? Или мислат дека ние не сме со сите?
2. Гувернерот на Народната банка Љубе Трпески, патетично ѝ соопшти на јавноста дека не подлегнува на притисоците и дека, ако треба, ќе загине и ќе изгори за Македонија. Убаво. Првин ќе ја запалат Македонија, па кога ќе видат дека немаат каде, и тие ќе се фрлат в оган.
Сепак, мислам дека гувернерот не мислел на такво горење, туку можеби ги сфатил работите буквално. Да не распалува Бранко жар за скара, за да го пече октоподот што го улови уште минатата година? Досега се покажа како човек кој знае во вистинско време да ги искористи пријателите за мезе. Идат избори, треба да има богата трпеза.
3. А дека може да бидеме сведоци на интересна забава, докажува присуството на Џаро во првите редови на прес-конференциите врзани со случајот “Македонска банка”. … Како во оние сликовниците за Марика во село, Марика во авион, Марика на излет, Марика на брод… , денес може да се направат приказни за Џаро во кошарката, Џаро во фудбалот, Џаро во судница, Џаро меѓу новинарите… Зошто Џаро не би бил и меѓу банкарите? Тогаш барем сме сигурни дека ситуацијата е под контрола.
4. СДСМ ќе треба сериозно да размисли за претстојната предизборна кампања да го ангажира Стојан Андов. Со предлог-резолуцијата на ЛДП за некористење на територијата на Македонија за организирање и изведување на активности против соседните држави, се покажа како добар организатор на предизборни митинзи. Им даде добар повод на министрите Китановски и Ханџиски да си одржат говори, да им порачаат на граѓаните да гласаат пак за нив, зашто другите не им мислат добро и плус не само што говорите беа директно пренесувани, туку и како бесплатна партиска презентација одеше реприза на “Дневник плус”.
Можам да го разберам размислувањето на Андов и Гошев, кога ќе се сетам дека тие се, сепак, луѓе од времето на акциите “Сите во одбрана и заштита”. Кога ги вежбавме популарните акции СВОЗ, нé учеа дека ќе ги палиме непријателските камиони, ќе фрламе молотови коктели, ќе го игнорираме окупаторот, ќе фрламе бомби на полициските станици…
Што ќе правиме ако утре нé нападне некој од соседите, а ние со резолуција во парламентот му забраниме на НАТО да организира одбрана на наша територија. Ќе чекаме прво да влезат, ние да вежбаме СВОЗ, НАТО да ни фрла оружје и советници за одбрана со падобранци, како што им фрлале сојузниците на партизаните во НОБ, да организираме герилска војна, па дури потоа да се бориме.
Мислев дека финтата е како да направиш воопшто да не те нападнат, а не како да се одбраниш откако ќе те нападнат.
5. Се создаде голема возбуда затоа што во предизборните активности на пуштање чешми и селски патишта, минатиот викенд беше вклучен и американскиот амбасадор Кристофер Хил.
Американците честопати знаеле да направат погрешна проценка со кого да се врзат пред изборите. Тоа обично им се случува во земјите на Латинска Америка. Премиерот Црвенковски во иднина нека внимава кого води со себе. Нека стои понастрана од Хил. Да не му биде баксуз. Ние и онака заличуваме на банана република. А токму во такви земји, често се случува да изгубат на избори тие што ја имаат поддршката на Американците.