Бившиот министер за финансии Зоран Ставрески лани најави дека секој октомври пензиите ќе бидат зголемувани за 5 отсто, за годинава на 14 јули, среде преговорите за избори на 11 декември, собранието да донесе измена на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со која покачувањето се поместува во декември. Така, место со септемвриската пензија што се исплатува во октомври како што беше случај лани, пензионерите сега ќе го добијат покачувањето со ноемвриската пензија, која треба да биде исплатена на 6-7 декември, само неколку дена пред датумот за предвремените избори.
„На 5 октомври ќе биде исплатена септемвриската пензија која е зголемена за 621 денар за секој пензионер во Република Македонија, односно вкупно 300.000 пензионери ќе добијат зголемени пензии во понеделник на 5 октомври. Зголемувањето на пензиите ќе продолжи во исто време и следната година. Со исплатата на септемвриските пензии во октомври 2016 година ќе бидат исплатени по 650 денари зголемени пензии за сите пензионери“, изјави лани во септември Ставрески на заедничка прес-конференција со министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Декемвриското покачување, со кое околу 300 илјади пензионери ќе добијат линеарно по околу 670 денари месечно, вчера го најави експремиерот Никола Груевски.
„Ноемвриската пензија, која ќе биде исплатена на почетокот на декември годинава за околу 300 илјади пензионери ќе биде покачена за 5 проценти“, кажа вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на промоцијата на книжевната едиција „Македонски искушенија“.
Минатата година, кога собранието ги изгласа измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување за зголемување на пензиите од 5 отсто со септемвриската пензија, во мирување беше ставено редовното усогласување на пензиите со трошоците на живот и порастот платите коишто дотогаш го добиваа два пати годишно, во јануари и во јуни.
Пред три дена, Светската банка предупреди дека пензинскиот систем на Македонија е фискално неодржлив на среден рок.
„89 отсто од новоотворените места се со фискална стимулација, односно поддршка од државата, што на среден рок е притисок врз пензискиот фонд. Во последните години, 45 отсто од приходите во пензискиот фонд се од буџетот, што подразбира негова голема зависност од државата“, се вели во извештајот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија
Во предлог буџетот за 2017 година, предвидено е за пензии да се префрлат 452 милиони евра, што е 45 отсто од вкупниот буџет на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.