Наместо 10.000 денари како досега, граѓаните во иднина ќе добиваат субвенции од 15.000 денари за приклучок на гасоводната мрежа во Куманово. На последната седница советниците донесоа одлука да се зголеми надоместот на дел од трошоците за приклучок на гас на физички лица за 50 отсто, со цел да се поттикнат граѓаните да го користат гасот за затоплување на нивните домови и да се намали загадувањето на воздухот.
„Се надевам дека тоа дополнително ќе ги стимулира нашите граѓани да се приклучуваат на дистрибутивната гасоводна мрежа, како еден на вид на олеснување. Исто така останува мерката приклучната такса да можат да ја плаќаат на 12 месечни рати. Мислам дека 550 евра не е некоја голема сума којашто граѓаните не можат да ја платат“, изјави Никола Денковски, директор на ЈП „Куманово-гас“.
Приклучокот на гас за физички лица на почетокот на гасификацијата изнесуваше 800 евра, па пред неколку години се намали на 650 евра, а сега со новата мерка изнесува 550 евра.
„Придобивките се повеќекратни, пред сѐ економскиот аспект на самото домаќинство. Првичната инвестиција целосно ќе ја вратат за две години. Гасот е многу поевтин енергенс во однос на сите останати, што значи дека трошоците ќе се преполоват во однос на сметките за струја или набавка на дрва. Понатаму се работи за заштита на животната средина, амбиенталниот воздух во нашиот град, тоа е една од значајните придобивки“, посочува Денковски.
Во Куманово има изградено околу 20 километри гасоводна мрежа и 300 приклучоци. Целиот процес оди бавно затоа што се финансира од општинскиот буџет без државна помош.
Куманово е првата општина во државата којшто започна гасификација од сопствени средства уште во 2005/2006 година, кога беше основано и ЈП „Куманово-гас“.
С. НИКОЛИЌ