МИЛОШОСКИ ЛАЖЕ, ЈАС НЕМАМ ВРЕМЕ, НИ ЖЕЛБА ДА УЧЕСТВУВАМ ВО НЕГОВИОТ КАРТОНСКИ ТЕАТАР, КАЖА ДИМИТРОВ ВО ОДГОВОРОТ НА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА

    МИЛОШОСКИ ЛАЖЕ, ЈАС НЕМАМ ВРЕМЕ, НИ ЖЕЛБА ДА УЧЕСТВУВАМ ВО НЕГОВИОТ КАРТОНСКИ ТЕАТАР, КАЖА ДИМИТРОВ ВО ОДГОВОРОТ НА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТАДимитров ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за ширење лажни вести за позиции или одлуки на други земји или меѓународни организации. (Фото: Собраниски канал/принтскрин)

    Лага е дека сум бил уредно поканет, лага е дека сум бил должен да присуствувам и лага е дека сум одбил да присуствувам на седница на собраниската Комисија за надворешна политика, со која раководи Антонијо Милошоски, кажа вицепремиерот за европски прашање Никола Димитров во експозето за неговата интерпелација, поднесена од опозицијата во Собранието.

    „Вие тврдите дека сум бил уредно поканет на седница на Комисијата за надворешна политика, сум бил должен да се појавам, а јас сум одбил. Тоа е апсолутна лага, по сите основи. Сакам да бидам кристално јасен, по сите основи. Лага е дека сум бил уредно поканет, лага е дека сум бил должен да присуствувам, лага е дека сум одбил да присуствувам“, кажа Димитров, додавајќи дека според Деловникот на Собранието, ако на седница на работно тело не се разгледува закон или предлог-закон, тој може, но не мора да присуствува и затоа е бесмислено да одговара за нешто што не е задолжително.

    Станува збор за седница на Комисијата за надворешна политика која Милошоски ја свикуваше да се дебатира за спорот со Бугарија. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ стави до него картонска макета од Димитров на седницата на 12 ноември.

    „За жал, немам време, а уште помалку желба, да учествувам во театар на картони, за што признавам, му нема рамен, во способноста да прави циркуз од државните интереси, особено во Собранието. За таков театар, не сум ви потребен јас. Тоа одлично го терате и без мене“, рече денеска Димитров.

    Понатаму во експозето, вицепремиерот кажа дека немаат логика работите за кои што го обвинуваат.

    „За што ме обвинувате? Што не испорачав преговори по секоја цена? По цена на македонскиот јазик? Дали дами и господа можеби тоа го сакавте? За да можете да ја продавате тезата за предавство на националните интереси? Оти вака таа теза не поминува. Тоа го барате од мене? Веднаш да ви кажам – тоа никогаш нема да го испорачам. Среќа не се сетивте да ѝ поднесете и на ЕК интерпелација за тоа како се дрзнале на оваа Влада да ѝ дадат безусловна препорака или пак на Европскиот совет за зеленото светло за почеток на преговорите. Бидејќи за нивните зборови и одлуки се работи. Или пак мене ме обвинувате што соседна Бугарија го прекрши членот 2 од договорот, каде се обврза да ни помага во евроинтеграциите? Или ме обвинувате за самиот Договор? Па од кај нив слушаме гласови дека тој треба да се измени“, кажа Димитров.

    Тој ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за ширење лажни вести за позиции или одлуки на други земји или меѓународни организации.

    „Едвај чекате лоши вести, а кога ги нема, ги измислувате. Малку ви беа демантите од Луксембург, си рековте дајте да ги мобилизираме и Данска и Холандија, со алузија дека дискретно го поддржувале ветото на Софија. За одлуките на трети држави виновна е македонската влада, но ако случајно има добра вест од надвор заслужни сте биле вие. Па и тоа како да не беше доволно за пасионираните колекционери на деманти на вашите зборови, најдовте начин како и Словачка и Чешка да ве прозиваат дека вие ама баш никако не сте придонеле за нивната одлука да застанат на страната на европските принципи. Небаре демантите од земјите членки ви се ордени кои ги закачувате во Белата Палата, а не документиран резил од кој секој би се срамел“, рече Димитров.

    Пред Димитров зборуваше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој кажа дека интерпелацијата на Димитров е само првиот чекор од планот за рушење на ова парламентарно мнозинство, а „другите чекори ќе ги гледате во наредните недели“. За интерпелацијата рече дека доаѓа по фијаското на евроинтегративните процеси, кое го дожиевало владејачкото мнозинство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира