ВИЕ СТЕ ИНКВИЗИТОР ОД СРЕДЕН ВЕК, МУ ОДГОВОРИ ДИМИТРОВ НА АПАСИЕВ, КОЈ ГО ОБВИНИ ДЕКА Е ШПИОН НА ЦИА

    ВИЕ СТЕ ИНКВИЗИТОР ОД СРЕДЕН ВЕК, МУ ОДГОВОРИ ДИМИТРОВ НА АПАСИЕВ, КОЈ ГО ОБВИНИ ДЕКА Е ШПИОН НА ЦИАНикола Димитров и Димитар Апасиев на денешната расправа во Собранието. (Фото: Собраниски канал/принтскрин)

    Пратеникот на Левица Димитар Апасиев рече дека вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров кога-тогаш ќе одговара за Преспанскиот договор, на што Димитров му одговори дека е спремен да ја плати таа цена за македонската кауза. Денеска во Собранието се расправа за интерпелацијата на Димитров, поднесена од опозициски пратеници, меѓу кои и Апасиев.

    Во одговорот, Димитров рече дека Апасиев влегува во категорија на политичар-обвинител, па и политичар-инквизитор.

    „Така и потсетува на некој начин, на средновековието кога инквизицијата имала главен збор. За нашата татковина, за нашата Македонија многу Македонци и Македонки оделе во затвор и јас сум спремен таа цена да ја платам за македонската кауза. Некои оделе во затвор, а некои ги пикале во затвор, ама размислете тоа вас во која категорија ве става и каква место си резервирате во македонската историја. Вие сте професор по право, меѓутоа тоа не значи дека не грешите кога велите дека Преспанскиот договор е потпишан надвор и од членот на Уставот што го регулира тоа прашање и надвор од Законот за склучување и ратификација на меѓународните договори. Во праксата некаде помалку од 1%, чинам помалку и од пола проценти 0,5 од вкупните меѓународни договори во име на Републиката ги има потпишано шефот на државата, претседателот на Републиката. Во првата интерпелација во глава ми беа тие бројки, можам да одам назад по стенограмот и да ги најдам, помалку од 0,5%. Членот 2 од Уставот вели дека и Владата во името на Републиката може да склучува меѓународни договори, а во членот 3 ги набројува кога тоа Владата може да го направи, споменувајќи едно чудо области кои што се присутни и регулирани во билатералниот договор, Преспанскиот договор’, кажа Димитров.

    Лидерот на Левица во обраќањето ја подели кариерата на Димитров на две целини – асли вмровец и рехабилитиран вмровец.

    „Неговата кариера на нецели 30 години почнува како советник за национална безбедност во кабинетот на претседателот Борис Трајкоски во периодот на воениот конфликт. Еден генерал на АРМ во тоа време, Панде Петровски, вели дека малтене Димитров бил во дослух со непријателот во тоа време. Потоа за заслуга станува амбасадор во САД, веројатно тогаш е врбуван во тие цијашки структури за да стане веројатно подоцна под нивен притисок и амбасадор во Холандија за да дојде до неговата главна одлика, а тоа е да стане преговарач за името во ОН со Метју Нимиц. Објавена во 2018 година, но настаните се случуваат во 2008 година, се случува аферата ‘Никиликс’, или кога дотичниот станува заштитен извор во депешеата што ги праќа Филип Рикер во Белата куќа. Заштитен извор во дипломатските кругови е еуфемизам за шпион, односно тастер, кодош, тужибаба или стручно ако сакате сикофант. Тој ги откуцува Груевски и Црвенковски кај Американците дека не се сложни околу името и на тој начин ја поткопал нашата преговарачка позиција. Круната е Преспанскиот договор. Надвор од овластувањата, спротивно на членот 119 од Уставот, спротивно на членот 3 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори и членот 15 од истиот Закон и спротивно на членот 9 од Законот за надворешни работи, тој го потпиша бесрамниот, капитулантскиот и квислиншкиот договор со кој што ние од Македонци станавме од Северномакедонци. Со ова врши кривично дело против државата со тоа што ја доведе во потчинетост и зависност од друга држава и за тоа кога-тогаш ќе мора да одговара“, кажа Апасиев и додаде дека Димитров најверојатно ќе заврши како барател на азил како Никола Груевски.

    Расправата треба да заврши до полноќ, кога ќе биде и гласањето за интерпелацијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира