ОБВИНИТЕЛИТЕ СИ СЕ ОЦЕНИЛЕ СО ПЕТКИ, А МАРИЧИЌ ЧЕКА ТИЕ САМИ ДА СЕ ПРОЧИСТАТ ПРЕКУ ОЦЕНУВАЊЕ

    ОБВИНИТЕЛИТЕ СИ СЕ ОЦЕНИЛЕ СО ПЕТКИ, А МАРИЧИЌ ЧЕКА ТИЕ САМИ ДА СЕ ПРОЧИСТАТ ПРЕКУ ОЦЕНУВАЊЕМинистерот за правда Бојан Маричиќ е убеден дека обвинителите, односно Советот на јавни обвинители, ќе ги утврди колегите што не си ја извршуваат стручно својата функција (Фото: Министерство за правда)

    Сите обвинители кои се пријавиле на актуелните конкурси за унапредување или за место во Обвинителството за организиран криминал, со оценувањето спроведено од Вишите јавни обвинителства во Скопје, Гостивар, Битола и Штип, добиле оценка задоволителен, или петки. Станува збор за 40-тина обвинители од основните јавните обвинителства.

    Министерот за правда Бојан Маричиќ, кој веројатно не е запознаен со веста, упорно очекува обвинителите, исто како и судиите, да се саморасчистат без интервенција од Владата или од законодавната власт. Тоа тој го апелираше и денеска, во интервју на „Утрински брифинг“.

    „Додека во Судскиот совет има десетина разрешувања според новиот законски пакет од 2019 година, во Советот на јавни обвинители, дури и кај некои еклатантни примери, нема никакво постапување. Тоа е работа на Советот на јавни обвинители, Владата не смее да се меша. Но, јавноста, треба да се замеша. Неопходно е, повторувам во секоја прилика, обвинителите и судиите сами да си ги прочистат своите редови, врз основа на критериуми и методологии кои сами си ги дефинираа“, се очекувањата на министерот за правда Маричиќ..

    Маричиќ толку е убеден дека обвинителите, односно Советот на јавни обвинители, ќе ги утврди колегите што не си ја извршуваат стручно својата функција, што вели:

    „Немало политичка волја досега обвинителството да си го расчисти својот двор од неспособни кадри. Но, сега може со јасни критериуми и индикатори, без чистки, со јасни индикатори со кои се оценуваат судиите и обвинителите, може да се добие резултат“.

    Извештаи и оценување за работата на обвинителите, според новиот Закон за јавно обвинителство, ќе се врши на секои 6 месеци. Оценување за овие луѓе кои водат тајни истраги и застапуваат обвиненија на суд, според Законот, ќе се врши на секои четири години.

    Во Јавното обвинителство на Македонија ни рекоа дека периодичните и крајните оценки не се конечни, секој обвинител може да си поднесе приговор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира