Деновиве, тетовската секција на Јавното претпријатие „Македонија пат“ започна со поставување нови информативни табли-патокази на автопатот А2 Скопје-Тетово. На таблите покрај на македонски јазик, имињата на градовите кон кои води автопатот се напишани и на албански и на латиница.
Како што велат од тетовската секција на Јавното претпријатие, промената доаѓа по донесувањето на Законот за употреба на јазиците при што, покрај македонскиот јазик и неговото кирилично писмо, на таблите треба да се користи и друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, а тоа во Тетовскиот Регион е албанскиот јазик.
„На автопатот на влез во Тетово поставена е нова, поголема и со различен облик информативна портал-табла. На таблата сега информациите се истакнати на македонски јазик, албански јазик и на латинично писмо. Таблите на автопатот ќе се менуваат во текот на наредните месеци, а исто така нови табли ќе има и на останатите регионални и магистрални патишта“, велат од тетовската секција на „Македонија пат“.
И додека на државно ниво се оди кон сѐ поширока примена на споменатиот закон, на локално ниво во Тетово малку се обрнува внимание на двојазичноста, односно на употребата на македонскиот јазик и неговото кирилично писмо. Деновиве, градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи во употреба предаде јавен простор во една тетовска населба, при што можеше да се забележи дека на клупите за седење и на кантите за отпадоци беше испишано името на Општина Тетово но само на албански јазик. Нешто слично можеше да се забележи и неодамна, кога беа предадени авторбусите за јавниот градски превоз. На дигиталниот банер на автобусите „Општина Тетово“ беше испишано на албански јазик и на латинично писмо но, немаше текст и на кирилично писмо.
З. АНДОНОВ