Поранешниот претседател Ѓорге Иванов денеска во Основниот кривичен суд Скопје ја искористи позицијата како сведок повикан од обвинетите за организација на нападот на Собранието на 27 април 2017 година, во судница и надвор, да каже пo 4 години дека таа вечер немал намера да прогласи воена состојба.
Обвинителката Вилма Русковска не му постави прашање на Иванов, бидејќи тоа нема никаква врска со обвинението, односно со она за кое се товарат како организатори: Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески, Владимир Атанасовски (тогашниот директор на УБК) и Миле Јанакиески.
Според исказот на Иванов, шпекулацијата според него за воена состојба, ја покренал еден неделник на 21 април, односно една недела пред 27 април 2017 година, во напис полн со шпекулации и глупости. Бил пренесен и во странски медиуми.
„Тоа беа шпекулации и небулоза. Уставот налага воена состојба да биде прогласена кога постои опасност државата да е воено нападната, потоа ако ѝ е објавена војна, или ако е нападната. Ниеден од овие услови не постоеше. Воена состојба прогласува Собранието со двотретинско мнозинство. Ако Собранието не може да се состане тоа може да го направи Претседателот, но таа одлука мора да биде потврдена од Парламентот, по неговото состанување. Немаше теоретска можност за прогласување воена состојба. Ова е дел од сценарио и школски пример за создавање на воена психоза“, рече Иванов.
Иванов кажа и дека немал никакви информации дека таа вечер се спрема нешто.
Во овој предмет Судот дозволи над 150 сведоци на четворицата обвинети и сите го кажуваат истото. Да сведочат за ликот и делото на обвинетите Вељаноски, Ристоски, Атанасовски и Јанакиески, дојдоа сите тогашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и членови на партијата.
С. К. ДЕЛЕВСКА