КУЛАТА НА ТИТОВ ВРВ Е НЕУПОТРЕБЛИВА ОТКАКО НЕСОВЕСНИ ПЛАНИНАРИ ЈА ОСТАВИЛЕ ВРАТАТА ОТВОРЕНА

    КУЛАТА НА ТИТОВ ВРВ Е НЕУПОТРЕБЛИВА ОТКАКО НЕСОВЕСНИ ПЛАНИНАРИ ЈА ОСТАВИЛЕ ВРАТАТА ОТВОРЕНАВнатрешноста сега е затрупана со снег и објектот не може да се користи. (Фото: СДК.МК)

    Засега непознати планинари кои престојувале во кулата на Титов врв кога заминале не ја затвориле влезната врата поради што внатрешноста е затрупана со снег. Сега влезната врата од снегот ниту може да се отвори ниту да се затвори, а со тоа ниту објектот не може да се користи.

    „Планинарската кула на Титов врв е со функција на планинарско засолниште за сите планинари кои во било кој период од годината, а посебно во зиме, да пружи место за одмор или засолниште од големиот студ и од невреме. Но, некои несовесни планинари, кои неодамна тука престојувале, кога заминале, не ја затвориле влезната врата од кулата. Поради тоа долната просторија е преполна со снег кој го нанел ветерот и сега тука нема услови за престој. На овој начин тие ја загрозуваат и безбедноста на другите планинари кои одат кон Титов врв надевајќи се дека во кулата ќе најдат привремено место за засолнување и одмор“, велат од планинарскиот клуч „Аргентус Монт“.

    Членовите на овој планинарски клуб изминативе пет години на раце носеа материјал, прозорци, врати и инвентар, ја обновија внатрешноста на кулата и така направија таа да биде пријатно место за престој и за време на најлошите временски услови кои владеат на Шар планина.

    „До 2016 година кулата беше сосем запуштена, без врати и прозорци и со дупки по ѕидовите и поради тоа беше неупотреблива за престој. Ние за пет години макотрпна работа ја обновивме и направивме место каде секој може да дојде или да се засолни при лошо време. Намерно влезната врата ја направивме без клуч за да може секој слободно да влезе во кулата. Напишавме и молба на македонски, албански и англиски јазик со која ги замолуваме планинарите кои тука ќе престојуваат по заминувањето да ја затворат влезната врата. Но, и покрај ова има несовесни планинати кои досега повеќе пати ја оставиле влезната врата отворена“, велат од „Аргентус Монт“.

    Освен ова, од овој планинарски клуб имаат забелешки и кон одржувањето на хигиената бидејќи на врвот околу Кулата се оставаат големи количини отпадоци. Обврска на секој планинар е отпадот што го направил да го собере, да земе со себе и да го фрли во соодветни канти кога ќе слезе од планината.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира