ВЕЛЕС ЌЕ НАПЛАЌА ЗА ИСКОП, ЗА ДА НЕ НЕМА ЧЕСТИ ПРЕКОПИ НА ТРОТОАРИТЕ И УЛИЦИТЕ

    ВЕЛЕС ЌЕ НАПЛАЌА ЗА ИСКОП, ЗА ДА НЕ НЕМА ЧЕСТИ ПРЕКОПИ НА ТРОТОАРИТЕ И УЛИЦИТЕУлицата Крсте Мисирков во Велес после санација на дефект. (Фото: СДК.МК)

    За да се избегнат честите прекопи на улиците и тротоарите во Велес, локалната власт воведе новина во работата, при поставувањето на подземени инсталации, правните лица ќе плаќаат надоместок. Ова е одлука на Советот, која чини едно евро за еден метар ископ.

    „Целта е да се избегнат чести прекопи на улици и тротоари поради поставување на подземни инсталации и на тој начин да се врши континуирано оштетување на улиците и тротоарите, за потоа да следи нивно враќање вопрвобитна состојба, чии директни последици ги трпеа граѓаните на Општина Велес. Затоа ефикасно и економски оправдано е нивното поставување да се врши при изградба или реконструкција на патиштата и улиците. Но ,доколку тоа се бара подоцна, откако градежните работи се извршени, за истото ќе се бара дозвола, а по добивањето ќе се плаќа за секој метар извршен ископ“, се вели во одлуката на Советот.

    Обврската за плаќање на надоместокот за извршени прекопи на улици и тротоари се однесува на сите правни лица кои за нивни потреби и по нивно барање поставуваат, поправаат или заменуваат подземни инсталации на општинските улици и тротоари. Од локалната власт прецизираат дека под инсталации се подразбираат телефонски, телеграфски и други кабелски водови, нисконапонски електрични водови, водови за напојување, канализација, водоводи, топловоди.

    „Обврската за санирање и враќање во првобитната состојба на прекопаната јавна површина во делот на градежно-земјените работи без завршен слој, извршени за потребата за поставување на инсталациите е на товар на Управителот на инсталациите“, велат од локалната власт.

    Пред да се врши реконструкција на одредена улица, тротоар, Општината се обврзува да достави известувања до управителите на инсталации, ако имаат потреба да постават подземни инсталации на определените локации, да им се издаде дозвола за изведување градежно-земјени работи, за што нема да се плаќа надоместок.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира