Пејачката на народна, староградска и забавна македонска музика Марина Пухариќ почина вчера на 66 години. Пухариќ е позната по нејзините композиции „Мојот разбој“, „Мојот сон “, интерпретациите на традиционалните песни: „Зошто ми се срдиш либе“, „Дали го видовте“, „Кажи Анѓо, кажи душо“, како и песните од забавната музика: „Си одиш ти од мене“ „Есенска елегија“, „Биди насмеан“, „Помина време“.
Има соработувано со композиторите Љубомир Бранѓолица, Ванчо Димитров, Јанко Узунов. Беше дел од групата „Македонија“, како и од женската пејачка група „Сирма“. Пухариќ е внука на легендарната пејачка Нина Спирова, која почина лани во септември.
Пухариќ освен во музичкиот свет, работеше и како наставничка по предметите физика и хемија. Посмртните останки ќе бидат изложени утре во капелата на гробишта во Бутел во Скопје од 13:30 до 14 часот.