Со церемонии на положување венци, садење дрвја и со црковни служби, Италија одбележа една година од првиот потврден случај на коронавирус во земјата.
Градовите во северниот дел беа првите кои беа силно погодени од епидемијата и ставени во карантин, што беше вовед во најстрашната здравствена криза и ситуација во Европа по Втората светска војна. Во наредните 12 месеци, Италија стигна до бројката од 95.000 починати од ковид-19 и полош биланс во Европа има само Велика Британија. Експертите сметаат дека реалната бројка е и значително поголема.
И додека првиот бран главно беше сконцентриран на Ломбардија и други северни региони, вториот бран, што почна есеноска, се прошири низ целата земја. Бројот на нови случаи на зараза останува голем, и покрај бројните рестрикции што ги воведоа властите и на национално и на локално ниво. Моментално се затворени кината, театрите и теретаните, а рестораните и баровите смеат да работат само до рана вечер. Од 22 до пет часот, во целата земја на сила е полициски час.
Италија досега регистрираше 2,8 милиони случаи на коронавирус, а сѐ почна на 20 февруари во Кодоњо, град во Ломбардија со 15.000 жители, каде што лекарите го открија вирусот кај 38-годишен маж. Тоа беше прв потврден случај на коронавирус во западниот свет. Градоначалникот на Кодоњо вчера откри споменик во чест на жртвите на ковид-19.
„Паника, тотална паника. Така се чувствувавме во почетокот. А, една година подоцна, сѐ уште сме уплашени, зашто сѐ уште не е готово“, изјави Розарија Сана од Кодоњо.
Првиот пациент преживеа, иако помина неколку недели во болница. Само ден подоцна, во градот Во во соседниот регион Венето почина 77-годишен маж, со што Италија се соочи со страшната реалност дека вирусот е смртоносен.