Уставниот суд најверојатно нема да расправа за уставноста на аболицијата на 56-мина политичари и нивни помошници. На седницата, која уште не е завршена, судијата – известител Гзиме Старова предложи иницијативата да се отфрли, бидејки овој акт е надвор од правниот поредок, со оглед на тоа што Иванов аболицијата што ја даде на 12 април годинава, ја повлече делумно на 27 мај, односно целосно на 6 јуни годинава.
Ниеден од осумтемина уставни судии немаше приговор на предлогот на Старова. Останува со гласање да го потврдат.
Оваа амнестија на политичари и функционери и на сведоци кои Иванов не кажа како ги дознал, на СЈО му зема три месеци од истрагите. Тој период сите активности на СЈО беа замрзнати.
Меѓу сведоците кои Иванов ги откри со помилувањата беше и Коста Крпач, кој набргу потоа беше пронајден застрелaн во неговиот стан.