„Студентски пленум“ денеска го организира првиот студентски реферндум, кој се одржува на 20 факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Од пленумот велат дека досега гласањето се одвива во мирна, фер и демократска атмосфера и дека има изненадувачки голема излезност. Прашањето на референдумот гласи: „Студенту, дали телото кое те претставува, во рамките на универзитетот, да продолжи да биде невладина организација?“.
„Гласањето не почна на Ветеринарен, Земјоделски и на Факултетот за физичка култура затоа што немавме пријавени волонтери. На другите факултети веќе во првиот час имаме голема излезност, на поголемите факултети гласаа од 50 до 100 студенти, а на помалите од 20 до 50 студенти. Очекуваме уште поголема излезност по 12 часот“, вели Борјан Ефтимов од „Студентски пленум“.
По завршувањето на референдумот, од пленумот велат дека ќе имаат заеднички состанок со сите студенти и ќе одлучат за наредните акции. Тие, исто така, очекуваат поддршка и од сенаторите.
„Се надеваме дека сенаторите ќе ја препознаат волјата на студентите. Останува на нивната морална одговорност дали ќе застанат зад студентите или некоја невладина организација“, додава Ефтимов.
Со вклучување на Студентскиот парламент во организацијата на УКИМ, од пленумот велат дека ќе се постигне поголема контрола на работењето на ова тело и ќе се имплементираат повеќе заштитни механизми во поглед на финансиите.